80 години од масакрот во Ваташа, нов повик за извинување до Бугарија
Пред 80 години на денешен ден во село Ваташа беа стрелани 12 младинци од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на втората светска војна. Младите Ваташани на возраст од 15 до 27 години биле убиени на свиреп начин во месноста Моклиште, а злосторството го извршиле припадници на петтата бугарска армија.
На одбележувањето на осум децении од големиот масакр присуствуваа голем број граѓани, но и претставници и од власта и од опозицијата. Во контекст на последните случувања помеѓу Македонија и Бугарија, претседателот на ВМРО ДПМНЕ побара извинување од Бугарија.
-Тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за било какво простување, за било каква прошка. Еве тоа го има направено германски министер Вили Брант. Клекнал, се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска. Може и тој во името на бугарските фашисти да дојде овде во Ваташа, да клекне и да побара прошка за тоа што го правеле Бугарите во Втората светска војна овде во Македонија, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО ДПМНЕ.
-После 80 години од овој грозоморен чин на убиството на 12 млади ваташки деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен. Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори, изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, министер за култура.
На 80 годишнината, денеска беа отворени 12 бисти и спомен соба во чест на 12-те стрелани младинци од Ваташа од страна на бугарскиот фашистички окупатор.
-Денес гордост е дел да си од Ваташа, гордост е да си дел од Кавадарци зошто овие деца го дале животот за слобода на Република Македонија, тука заедно со ваташани, кавадарчани, со повеќе наши граѓани и политичките партии заедно да го прославиме овој ден за да ја градиме иднината на основа на минатото и она што значи 80 години од ѕверското стрелање на овие 12 младинци, изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.
Во спомен на загинатите младинци цвеќе положија бројни делегации. Се одржа и историски час, а имаше и културно уметничка програма.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар