Судот во Кочани не е известен за бегството на Михаилова
Ива Михаилова ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија, иако против неа се изречени мерки на претпазливост поради судската постапка што се води против неа. Од Основниот суд во Кочани потврдуваат дека засега немаат официјално известување за нејзиното заминување, ниту известување врз основа на кое би можеле да преземат понатамошни процесни дејствија.
Според претседателот на судот, мерките на претпазливост остануваат на сила. Михаилова имала обврска секој понеделник во 10 часот да се јавува во полиција, а според информациите од судот, досега ја исполнувала оваа обврска. Сепак, нејзиното заминување отвора прашања за тоа како успеала да ја напушти државата и дали при тоа биле прекршени ограничувањата што ѝ биле определени.
Од судот посочуваат дека за понатамошното постапување се неопходни официјални информации од надлежните институции. Дури откако ќе бидат утврдени околностите, ќе може да се процени кои законски чекори се потребни. Во меѓувреме, останува неизвесно дали обвинетата ќе присуствува на следното рочиште и како нејзиното отсуство би можело да влијае врз динамиката на судската постапка.
За мерките што ѝ биле определени на Михаилова и за ставот на обвинителството во врска со можноста за враќање на патната исправа, од Јавното обвинителство информираат:
- На обвинетата, по предлог на јавен обвинител уште од 09.10.2025 година и беа одземени две патни исправи (македонска и бугарска), и беше изречена забрана за преминување државна граница со лична карта, забрана за напуштање на Кочани и обврска да се јавува кај службено лице. Надлежниот јавен обвинител ги презеде сите чекори во негова надлежност за обезбедување на лицето, а ризикот од бегство беше една од клучните основи поради кои обвинителството повеќе пати даваше негативно мислење во однос на барањето за враќање на патната исправа.
Следното рочиште во Основниот суд во Кочани е закажано за 9 ноември. И покрај заминувањето во Бугарија, од судот не ја исклучуваат можноста Михаилова да се врати во земјава и да продолжи да присуствува на судењата. Михаилова е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, по сообраќајната несреќа што се случи на 7 октомври 2025 година на експресниот пат Штип–Кочани, кај Горни Подлог, во која едно лице го загуби животот, а повеќе беа повредени.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
