Македонија
12. March 2023 - 16:32

80 години подоцна – Спомен за најтрагичниот Македонски настан

Со “Поворката на живите“ денеска започна одбележувањето на 80 годишнината од Холокаустот на македонските Евреи. Под мотото “ Никогаш повеќе” pретставници на еврејските здруженија од земјава и светот, Претседателот, министри и претставници на политички партии и дипломатскиот кор беа дел од поворката која тргна од старата железничка станица во Скопје до некогашниот Монопол, кој во 1943 година беше собирен центар за депортација на евреите во логорот на смртта во Треблинка каде беа убиени во гасни комори.

Пред споменикот на 7.144 депортирани  мажи и жени, деца и старци, шефот на државата истакна дека Бугарија треба да се извини за улогата на нејзината профашистичка Влада во депортацијата на македонските Евреи од Скопје, Битола и Штип.

-Дали ние, денешните генерации имаме право да смируваме нечија нечиста совест околу холокаустот на македонските Евреи? Дали смееме да молчиме пред историскиот ревизионизам што ги рехабилитира злосторниците и ги слави виновниците? Дали треба да заборавиме со чии потписи македонските Евреи беа систематски лишувани од нивните граѓански, економски и човечки права и испратени во смрт?

И во хебрејскиот и во македонскиот јазик изворното значење на зборот правда, упатува на она што одговара на вистината. Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, рече Претседателот Стево Пендаровски.

Во име на Владата се обрати вицепремиерот Фатмир Битиќи.

- 7144 Евреи, од ова место, каде што сега стоиме, пред 80 години, засекогаш ги нема. Нивниот живот заврши. Брзо, сурово, непотребно. Заврши поради лудата и крволочна идеја на неколку, кои беа потоа поддржани од многу други. Ете толку е лесно злото да надвладее. Затоа денеска, како и сите денови, гласот на разумот, светлината, прифаќањето, човечноста и демократијата мора да е гласен и јасен. Да го слушнат сите. Нивните животи можеби завршија, но нивниот дух е постојано со нас, да не потсетува и да не храбри. Злото на Холокаустот не смее да се повтори. Рече Фатмир Битиќи.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија Пепо Леви истакна  дека идеите за уништување на Евреите сè уште постојат и затоа денес е поважно од било кога да се покаже светска солидарност во сеќавање на жртвите на Холокаустот и решителноста во справување со сите зачетоци на антисемитизмот.

-Често се прашувам дали 50 милиони жртви во Втората светска војна од кои 6 милиони Евреи, се научената лекција, за светот да живее во мир и демократија, почитувајќи ја различноста на народите, јазиците и културите. Денес кога антисемитизмот и нацизмот во најразни облици се буди не само во Европа, туку и на Блаканот и во Македонија, мора да престанеме со омразата и омаловажувањето, мора да престанат обидите за доминација, рече Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.

На комеморацијата се обратија и претставници од светскиот и европскиот еврејски конгрес.По молитвата беа положени и венци пред спомен обележјето.

-Денеска се сеќаваме за 7144 наши сограѓани кои заминаа од своите домови и никогаш повторно не се вратија. Тагата и болката се сѐ уште присутни. Да извлечеме поука и да ја гледаме објективно историјата која ни кажува дека војната и непријателството го раѓа семето на злобата, уништувањето и заедничката несреќа.

Таквиот геноцид е најцрниот настан во историјата на човештвото.

Катастрофата од геноцидот никогаш да не се повтори, но и да не се заборави, напиша на Фејсбук лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Одбележување на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи  ќе биде заокружен со комеморативен концерт вечерва во Македонската опера и балет, каде меѓу другите ќе се обрати Премиерот Димитар Ковачевски и амбасадорката на Израел во земјава Симона Франкел.