Македонија
10. March 2025 - 19:54

82 годишнина од депортацијата на штипските евреи

Со свечена академија, „поворка на живите“ и полагање цвеќе, одбележана годишнината од депортацијата на штипските Евреи. Пред точно 82 години, во раните утрински часови во еврејското маало беа собрани 535 мажи, жени и деца од 131 еврејско семејство. Најнапред беа однесени во тутунскиот комбинат во Скопје, а од таму заедно со останатите Евреи од Македонија, во нацистичкиот концентрационен логор Треблинка.

-Депортираните Евреи чинат 98% од еврејската популација во тоа време. Македонија со голем пиетет се потсеќа на депортираните 7144 Евреи од Битола, Штип и Скопје, изјави Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.

Ние се сеќаваме, никому и никогаш повеќе, беше пораката што штипјани ја упатија по повод сеќавањето на нашите некогашни сограѓани.

-Го одбележуваме датумот кој никогаш не треба да се заборави, но треба да ни биде поука за во иднина, да имаме повеќе толеранција, соживот и да градиме едно заедничко општество без разлика на верската, етничката или било која друга припадност, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Освен споменикот во центарот на Штип, еврејските гробишта се уште еден нем сведок за некогаш бројната еврејска заедница во градот.