Македонија
6. July 2025 - 16:28

Љутков: Од догодина повеќе средства за македонската филмска продукција

Од идната година Министерствтото за култура и туризам ќе одделува многу повеќе средства за домашната филмската продукција. Со измени на Закон филмот ќе добива 3 % од игрите на среќа, информира првиот човек на министeрството, Зоран Љутков.

-Дополнителни средстваза кои мислам ќе бидат доволни во текот на годината за македонската продукција на филмови и не само за филмови,  од 2026-та преку Агенција за филм ќе дадеме поддршка и на домашните телевизиски серии, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам.

Преку Агенцијата се финансира и најновиот филм на режисерката Тамара Котевска, „Човек против јато“ кој деновиве се снима во штипско.

-Приказната е инспирирана од вистински настани од градењето на кинескиот автопат, кој што поминуваше низ оваа област. Една фамилија се наоѓа во склоп на околности од двете страни, симболично, на тој автопат, членови кои се против градењето и членови кои работат за фирмата која го гради, изјави Тамара Котевска, режисер.

-Тамара ја знае македонската јавност како режисер на „Медена земја“, меѓутоа Тамара е предводник на еден многу силен бран на млади филмски автори, кои творат и ја претставуваат Македонија и македонската култура во светски рамки и можам гордо да кажам дека е дел од една силна група на женски автори, режисерки, кои доминираат на Балканот и во Европа, изјави Сашко Мицевски, директор на Агенција за филм.

Со ребалансот на буџетот е предвидено Агенцијата за филм да добие дополнителни 145 милиони денари или 2, 3 милиони евра.