Македонија
8. January 2024 - 16:33

Адвокатот на тепачите кои упаднаа во М-НАВ смета дека мерки на претпазливост се доволни

Кривичниот совет утре ќе одлучува за жалбата од Јавното обвинителство по одлуката на Кривичниот суд, наместо притвор да додели мерки на претпазливост за четворицата тепачи кои упаднаа во контролната кула на Македонска навигација.

Советот сочинет од тројца судии или ќе ја потврди одлуката на судиите на претходна постапка, или ќе ја преиначи со нова мерка.

Адвокатот на осомничените вели дека се уште не ја примил жалбата која ја поднесе ОЈО. Вели, во овој момент мерките на претпазливост се доволни бидеќи Обвинителот не доставил доволни докази.

-Сметам дека во конкретнава ситуација во овој момент не би требало да се бара најстрогата мерка, а тоа е издржување притвор во затворска установа, дотолку повеќе што осомничените по повик на полициските службеници веднаш се јавиле доброволно се јавиле во полициската станица. Таму има исто така дополнителни мерки на претпазливост во поглед на повремено јавување, како и останати мерки на претпазливост, а се со цел непречено водење на истражната постапка, вели адвокатот Асмир Алиспахиќ.

Вели дека осомничените не треба да одговараат за Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, за што е предвидена казна затвор од една до 10 години.

-Јавното обвинителство во конкретната ситуација дека се сигурни во наредбата за спроведување истрага, како и самиот предлог требало да бидат доставени веродостојни и сигурни докази што би го поткрепиле истото. Не само што не се доставени такви докази, напротив сметам дека осомничените не треба да одговараат за ова дело за што се сомничат, дотолку повеќе што сметам дека нема докази за ова кривично дело како што е поставено, вели Алиспахиќ.

Во меѓувреме, Платформата на граѓански организации против корупцијата бара во целост да се расвлетлат деталите околу упадот во М-НАВ. Според Платформата, сите кои работат во јавниот сектор, а се залагаат против партиски вработувања мора да бидат заштитени.

-Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат  во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати, велат од оттаму.

И од Канцеларијата на народниот правобранител нудат помош за вработените во Македонска навигација.

-Имајќи предид дека таму се случија разни дела за коишто постојат и посебни институции кои имаат сои надлежности, пред се тука мислам на истражните органи. Во тој дел нормално немаме надлежности, но доколку на било кое лице му се повредени правата за работен однос, вклучтелно тука и на кандидатите кои што конкурирале на огласот за вработување, а не се задоволни од начинот на водење на постапката,или исходот од постапката може да се обратат кај Народниот правобранител којшто во рамките на своите надлежности ќе постапи кон Македонска навигација и ќе ги испита сите наоди, докази и информации, вели заменик Народниот правобранител, Јован Андоновски.

Случувањата во Македонска навигација подолг период ја бранува јавноста откако Синдикатот го обвинува раководството на Акционерското друштво во државна сопственост дека сака да ја партизира институцијата. Утре на владина седница се очекува целото раководство да биде разрешено.