Loading Video...
Македонија
14. јуни 2026 - 16:34

Ако се биде како што треба пруга долж Коридорот 10 ќе почне да се гради на есен

Ако сѐ биде како што треба, брзата пруга долж Коридорот 10 ќе почне да се гради уште на есен. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека веќе бил на состанок со потенцијалните заемодаватели. Во меѓувреме, се чека физибилити студијата, а во текот на летото ќе треба да бидат донесени потребните закони за изградбата да може да почне. Говорејќи за Стратешкиот договор со Велика Британија, повтори дека не предвдивува носење мигранти, односно, попрецизно, неуспешни баратели на азил на Островот. Рече дека тие не дошле во април и мај, како што тврдеше опозицијата, но и дека нема да дојдат ниту во иднина.

- Беа претставници од UK Export Finance. Разговаравме и во Владата, и во Министерството за транспорт, и во Министерството за финансии. Физибилити студијата ја прави Министерството за транспорт, како и студијата за оценка на влијанието врз животната средина. Овој месец треба да биде завршен, или најдоцна, да речеме, во јули. Ако биде сè како што треба, понатаму одиме со закони во Парламентот. Здравје Боже, таму од есен можеме и на терен да отпочнеме по принципот на „жолт ФИДИК“ (FIDIC), рече Мицкоски.

Откако поминаа клучните два закони кои ќе овозможат изградба на Дата-центри низ државата, прашан од колкав обем дата-центри се планираат, каде ќе бидат лоцирани и дали инвеститорите ќе имаат обврска да следат одредени технички стандарди со цел заштита на животната средина, Мицкоски без конкретен одговор. Рече дека одредени луѓе ширеле хистерија со цел да создадат паника во општеството.    Според него, иднината е вештачката интелигенција и за нејзино работење потребни вакви дата-центри. Но уверува дека тие нема негативно да влијаат на животот на граѓаните.

Се обидуваме да ја развиваме државата, да создаваме нова вредност и нема да се повлечеме пред овие луѓе, малкумина, коишто создаваат хистерија и мислат дека на тој начин ќе го манипулираат народот. Апсолутно, како техничко лице ќе застанам зад секој проект — не за 1 мегават, не за 5, туку и за 100 и повеќе мегавати, во оној момент кога ќе бидат исполнети условите согласно закон и кога ќе бидат исполнети техничките критериуми. Само тогаш. А тие, нормално, ќе бидат содржани и во закон и во правилник којшто е подзаконски акт. Нема да бидат ништо послаби од оние што се во Соединетите Американски Држави, Франција и во другите земји во Европа, рече Мицкоски.

И додека премиерот говори за брза пруга долж Коридорот 10 и висока технологија, опозицијата обвинува дека македонската економија се распаѓа, а граѓаните живеат сѐ полошо. СДСМ обвинува дека на средината на годината Буџетот е празен и нема пари, а планираниот годишен дефицит веќе е пробиен за над 18 милиони евра.

- Владата на Мицкоски создаде нов долг од 2,5 милијарди евра а пари нема. Нема за граѓаните, нема за 600 евра минимална плата, нема за земјоделците. Само за криминални тендери има пари.  Сега снемува пари и за тендери штом му се брза со избори, вели членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска.

Стратешкиот договор со Велика Британија кој владата го потпиша лани на Македонија ѝ стави на располагање околу 6 милијарди евра за развој на железницата. По нешто повеќе од една година за првпат има конкретни најави за работа на терен.

Во однос на најавените Дата-центри, во Собранието поминаа двата клучни закони, за урбанистичко планирање и за градење. Со нив, дата-центрите ќе се бројат како објекти од прва категорија, на рамниште со автопатиштата, ТИРЗ-овите, Клиниките. Со тоа Министерството за транспорт ги презема сите надлежности за давање дозволи и ги заобиколува општините, државата зема обврска да најде и да понуди готови парцели. Но детали какви и колкави дата-центри ќе се градат и кои се локациите што државата ќе им ги нуди на странските инвестотори засега нема. Мицкоски во минатото кажа дека веќе имал средби со четири инвестициски фондови, но и дека заинтересирани за инвестирање биле неколку десетици компании.