Околу 3.500 граѓани од струмичкиот регион се пријавиле за бесплатна вакцинација против грип
Голем интерес за бесплатните вакцини против сезонски грип во Струмица. Околу 3.500 граѓани од струмичкиот регион оваа сезона се пријавиле за вакцинација против сезонски грип. Според информациите од Центарот за јавно здравје, каде од минатата недела тече имунизацијата, интерес за бесплатните вакцини има кај граѓани од сите возрасни групи, но најзастапени се повозрасните лица и хронично болните.
Според директорката на центарот доктор Мери Николова Гичева , големиот интерес не е изненадување, бидејќи искуствата од претходните години покажуваат дека граѓаните ја препознаваат вакцинацијата како еден од најдобрите начини за заштита од сезонскиот грип.
Од Центарот за јавно здравје велат дека вакцина ќе добијат и граѓаните кои не се во можност физички да ги посетат пунктовите за вакцинација. И годинава ќе биде формиран тим од лекар и техничар, кој по претходно договорен термин ќе ги посетува неподвижните лица во нивните домови.
Граѓаните кои веќе добиле термини за вакцинација се задоволни. Дел од нив со години редовно се вакцинираат и велат дека тоа е нивниот начин да се заштитат од сезонскиот грип.
Од Центарот за јавно здравје Струмица најавуваат дека и оваа сезона ќе обезбедат комерцијални вакцини за граѓаните кои не спаѓаат во категориите со право на бесплатна имунизација. Нивната дистрибуција се очекува на почетокот или кон средината на следниот месец.
-
Зоран Ѓеоргив
Сите содржини од овој новинар
