Амандманската комисиска расправа за ребалансот на буџетот почнува в понеделник
На третиот ден расправа за ребалансот на Буџетот во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска пратениците од власта и опозицијата продолжија со меѓусебни обвинувања - за пратениците од власта предложениот ребаланс ја отсликува стабилната и одговорна економска политика на Владата со повеќе средства за плати, пензии и капитални инвестиции, додека за опозицијата тој е обид да се прикријат пропустите со јавните финансии.
Претничката Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека СДСМ имаа можност седум години да докажат колку се загрижени за потребите на граѓаните.
- Тоа што изгубивте катастрофално на последните избори, тоа ви е казна од народот. Не трудете се народот да заборави дека вие не доведовте до оваа ситуација. Не трудете се да се извлечете од вашиот кабает за се што денес преживуваме, а заради вашата немилост во седум години ваше владеење. И немојте да ги релативизирате вашите гревови и денес овде да ни изигрувате големи домаќини. За тоа што лани начекавме речиси испразнет буџет, за тоа не е доволна само казната од народот на последните избори. За тоа допрва ќе треба да се разбудат од длабокиот зимски сон оние кои бараа зголемен буџет вчера, рече Стојаноска.
Таа во врска со седумгодишното владеење на СДСМ потсети дека просечниот раст на БДП бил 1,6 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ за една година успеа да го доведе над три отсто. Се осврна и на инфлацијата со што укажа дека во време на СДСМ таа била двоцифрена, а со ВМРО-ДПМНЕ во првите пет месеци од годинава изнесува 3,7 отсто.
- Да ве потсетам како се работи домаќински со само неколку факти. За БДП веќе ви споменав – раст од 3 отсто за само една година, раст во услужниот сектор од 2,2 отсто, раст на индустријата од 2,1 отсто, раст на градежништвото од 7,1 отсто, раст во земјоделството од 0,7 отсто, понатаму имаме раст на нето платите, и тоа: здравствена и социјална заштита 14,7 отсто, образование 14,4 отсто, администрација 13 отсто. Понатаму, додека во ваше време дочекавме и двоцифрена инфлација со бројот 2 напред, истата во првите пет месеци од оваа година изнесуваше 3,7 проценти. Сето ова не наведува на проекција за економски раст од 3,7 проценти до крајот на 2025 година. А, силниот раст на приходите во првите пет месеци од оваа година од 8,6 проценти е резултат на големите инфраструктурни проекти – коридор 8 и 10 и железничката инфраструктура, истакна Стојаноска.
Во врска со ребалансот на буџетот порача дека со него дека ќе се обезбедат повеќе пари за плати, за пензии, капитални инвестиции.
-Со овој ребаланс обезбедуваме дополнителни средства од 800 милиони денари за плати од 2,5 милијарди денари за пензии и од 300 милиони денари за капитални инвестиции. Со овој ребаланс ќе има две милијарди денари повеќе за изградба и рехабилитација на кампуси, студентски домови и училишта, додаде Стојаноска.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ реплицирајќи и на Стојаноска рече власта три пати повеќе троши на возила отколку што намалува на јавен долг.
- Ребалансот не е вистински, направен е за навидум да прати искривена слика. Зборувате за раст, за кој раст во еден квартал од три отсто. Ви кажав кога ќе достигнете еден квартал 4,5 отсто јавете се, ви ја кажав и канцеларијата. Просекот ќе го видиме. Буџетот од минатата година и оваа заедно со задолжувањето е 13 милијарди евра. Значи вие за една година потрошивте 35 отсто од тоа што ние сме го потрошиле за седум години, истакна Битиќи.
Пратеничката Стојаноска во контрареплика на пратеникот Битиќи рече дека тој зборува 700 милиони евра доспеани обрвски.
-За една година, потенцира, успеавме да вратиме една милијарда, да ја исплатиме обврзницата која во ваше време ја земавте и секоја година ќе треба по толку да враќаме заради вашите еврообврзници. Сега се фалите дојдете кај мене кога ќе постигнете четири проценти раст. Сега да и кажам на македонската јавност со кој раст се фалите со раст од четири проценти во времето само што заврши ковид пандемијата и само што излегоа луѓето од привремениот карантин, оној ист карантин додека луѓето беа затворени, а вашите лидери се шетаа со мотори и се смееа на болните и најголемиот број жртви во Европа. Тоа се вашите бројки колега Битиќи. Седум години видовме што можете и што умеете. Доволено е од вас, не само ан ВМРО-ДПМНЕ туку на сиот народ во Македонија, посочи Стојаноска.
Пратеникот на СДСМ, Благој Бочварски рече дека според сите релевантни статистики, платите во државата стагнираат, нема зголемување на минималната и просечната плата, додека инфлацијата ја намалува куповната моќ на граѓаните за околу 20 отсто во последната година.
- Во овој ребаланс се предвидува и дополнително задолжување од 500 милиони евра, што може да го зголеми јавниот долг над 65 отсто. За споредба, СДСМ ја предаде власта со јавен долг од 55 отсто, што тогаш од ВМРО-ДПМНЕ беше оценето како ’државна апокалипса‘, а сега, со 62,4 отсто, истиот долг се смета за ’историски добар‘. Во владината програма беше ветено намалување на буџетскиот дефицит на три отсто, но овој ребаланс предвидува негово зголемување на четири отсто, што е спротивно од ветеното и во спротивност со Законот за буџети, според кој дефицитот може да биде максимум три, или 3,5 отсто само во исклучителни услови, истакна Бочварски.
Посочи дека ребалансот не нуди концепт, визија ниту капацитет за економски раст и подобар живот за граѓаните.
- Затоа, СДСМ нема да го поддржи овој ребаланс и поднесе 160 амандмани кои се базираат на директна комуникација со граѓаните и се насочени кон реални и неопходни проекти за секој регион, вклучително и за Кочани, додаде Бочварски.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Сејгеј Попов рече дека зголемувањето на буџетот за образование е јасен показател дека државата вложува во иднината на младите. Според него, со оваа инвестиција се овозможуваат подобри услови за учење, повеќе стипендии и модерни образовни институции, што претставува силен поттик за личен и општествен развој во Македонија.
-Вкупниот буџет за образованието е 46.443 милиони денари што претставува зголемување од 1,294 милиони денари односно +3 отсто. Зголемениот буџет е порака дека државата ја препознава важноста на младите. Ова зголемување значи повеќе стипендии, подобри училишта, модерни универзитети и повеќе можности за сите нас. Секоја инвестиција во образованието е инвестиција во нашата иднина и во нашата способност да бидеме конкурентни и креативни, рече Попов.
Тој истакна дека со повеќе средства за универзитетите се очекуваат подобри услови за студирање, практична настава, дигитализација и финансиска автономија.
- Во високото образование има зголемување од 3,179 на 3,456 милиони денари. Со ова зголемување ќе добиеме поквалитетни студии бидејќи со повеќе пари за универзитетите, очекуваме подобри услови за учење, повеќе практична настава, нови лаборатории и современи програми, и секако најважното дигитализација. Ова зголемување ќе значи и поголема финансиска автономија за универзитетите бидејќи ќе имаат повеќе слобода да одговорат на потребите на студентите и да воведуваат иновации. Во инвестициската програма „Инвестиции во образованието“ се предвидени вкупно 1,204 милиони денари што претставува зголемување од 12,8 отсто, односно зголемување од 137 милиони денари“, кажа Попов.
Појасни дека главен акцент во оваа програма ќе биде ставен на подобрување на условите во ученичките и студентските домови и додаде дека со реконструкција на ученичките домови ќе се создадат подобри услови за средношколците што доаѓаат од другите градови, а тоа значи поголема безбедност и поудобни услови.
Биљана Кузмановска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека наместо кратење со ребалансот има зголемување на финансиските средства, за пензии, плати, инвестиции.
- Ребалансот на Буџетот за 2025 година не е техничка корекција тој е јасен показател дека владата има јасна стратегија со поставени приоритети и политичка волја да ги спроведе. Оваа Влада знае што е важно и знае да испорача резултати, рече Кузмановска.
Вкупните приходи во ребалансот се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а расходите на износ од 403,7 милијарди денари, по еден процент (околу 3,5 милијарди денари) повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за годинава. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
Општиот претрес по предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2025 година е завршен. Седницата на Комисијата е прекината и ќе продолжи в понеделник во 11:30 часот со претрес по амандманите на предлогот поднесени од овластени предлагачи.
Ново на Сител
-
Амбасадата во Белград ја потврди информацијата за загинат македонски државјанин во сообраќајка
-
СДСМ реагира на најавата од владата
-
Истражна постапка против возачот на мотор кој го прегази Југослав Николовски
-
На граничните премини Богородица и Табановце се чека од 20 до 30 минути
-
Зеленски и Трамп се договорија за зајакнување на воздушната одбрана на Украина
-
Акцијата во која беа откриени шест килограми амфетамин е резултат на напорите на МВР во сузбивањето на трговијата со дрога, оцени Тошковски
-
МВР апелира граѓаните да не отвораат линкови од СМС пораки
-
ОЈО: Откриено поголемо количество амфетамин во Скопје, отворена постапка против шест лица