Македонија
28. April 2026 - 11:59

Андоновски: Новиот закон за сајбер безбедност воспоставува систем на отпорност и во приватниот сектор - обврските се заеднички

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на бизнис конференцијата за сајбер безбедност во организација на Македонски Телеком, посветена на новата регулатива за безбедност на мрежни и информациски системи и предизвиците во заштитата на дигиталната инфраструктура, при што истакна дека сајбер безбедноста повеќе не може да се третира како техничко прашање, туку како клучен фактор за отпорноста на државата и функционалноста на економијата - информираат од Министерството.

- Во услови на целосна дигитализација на услугите, комуникацијата и економските процеси, секој сајбер инцидент има потенцијал да се пренесе низ целиот систем. Затоа, отпорноста станува основа на дигиталната трансформација - нагласил Андоновски.

Министерот се осврнал на значењето на новиот Закон за безбедност на мрежни и информациски системи, кој, како што рекол, е усогласен со европската NIS2 директива, потенцирајќи дека неговата суштина е во воспоставување на систем таму каде што досега постоел фрагментиран пристап.

- Со законот, за првпат поставуваме јасни линии на одговорност, дефинираме управување со сајбер ризик и воспоставуваме рамка за координирано делување и во приватниот и во државниот сектор. Ова не го правиме само заради усогласување со европската регулатива, туку како суштинска институционална реформа - истакнал министерот Андоновски.

Тој посочил дека една од клучните промени што ги носи законот е преминот од реактивен кон проактивен пристап во сајбер безбедноста, при што организациите се обврзани да воспостават системи за управување со ризици и континуитет на работењето.

Особен акцент бил ставен на улогата на приватниот сектор, кој, како што било нагласено, претставува суштински дел од националната сајбер отпорност.

- Најголемиот дел од критичната дигитална инфраструктура се наоѓа во приватниот сектор. Затоа законот не го третира како објект на контрола, туку како партнер во системот на безбедност. Овие обврски не се административен товар, туку механизам за заштита на самото функционирање на компаниите - посочил министерот.

Андоновски истакнал и дека сериозен сајбер инцидент денес може да предизвика прекин на работењето, финансиски загуби и нарушување на довербата, поради што, според него, безбедноста треба да се гледа како предуслов за одржливост и развој.

Во однос на имплементацијата, министерот најавил дека Министерството за дигитална трансформација активно работи на зајакнување на националните капацитети, вклучително и воспоставување на Владин центар за одговор на сајбер инциденти (GOV-CSIRT), кој започнува со работа во наредниот период, како и унапредување на мониторинг системите и интероперабилноста меѓу институциите.

- Законот сам по себе не е доволен. Неговата вредност ќе се мери преку имплементацијата, преку координацијата и преку способноста системот да функционира во реални услови, нагласил Андоновски.

Според него, сајбер безбедноста носи и нови можности за инвестиции, иновации и развој на домашната ИТ индустрија, особено во делот на напредни безбедносни услуги и решенија.

Сајбер безбедноста, рекол, треба да се гледа како составен дел од економскиот и институционалниот развој.

- Без стабилни и безбедни дигитални системи нема доверба, а без доверба нема инвестиции и економски раст. Затоа оваа реформа е подеднакво безбедносна, економска и институционална, истакнал Андоновски.

На конференцијата учествувале претставници на институциите, приватниот сектор и меѓународни експерти, кои дискутирале за најновите трендови, закани и решенија во областа на сајбер безбедноста.

 

МИА