Ангелов: Досега пријавени околу 400 лица за превенција од пожари, рокот продолжен за уште пет дена
Досега околу 400 кандидати се пријавиле на јавниот повик за владината мерка за ангажман на граѓани за превенција на пожарите. Одлучивме рокот да го поместиме за уште пет дена, односно уште пет дена граѓаните имаат можност да се пријават за оваа мерка, соопшти на денешната прес-конференција раководителот на Главниот штаб за управување со кризи Стојанче Ангелов.
- Вчера заврши јавниот повик за пријавување лица за владината мерка за превенција од пожари или борба против пожари. Интересот беше навистина голем, но се појави еден лимитирачки фактор пред се во тоа што еден од основните услови е лицата кои се пријавуваат да бидат регистрирани како активни баратели на работа. За жал, нам ни се пријавија повеќе луѓе вклучително и кај мене лично, но и во нашите институции, лица кои не се пријавени во Агенцијата за вработување како активни баратели на работа или работат на други места, но се заинтересирани да се вклучат во оваа мерка. Од овие причини овие лица не можат да се приклучат кон оваа мерка, образложи Ангелов.
Тој појасни дека оние лица кои не се активни баратели на работа имаат време и можат да се пријават во АВСРМ и потоа да отидат во најблискиот Центар за вработување и да поднесат соодветна апликација. Притоа лицата треба со себе да носат и лекарска потврда издадена од матичниот лекар во која се наведува дека немаат сериозни болести, кои би пречеле во извршување на работните задачи.
Одговорајќи на новинарско прашање, Ангелов рече дека целта на Владата е преку оваа мерка да се привлечат пред се здрави и млади луѓе кои се заинтересирани да се занимаваат со пожарникарство како нивна професија во иднина.
- Да, примањата се навистина ниски, но овие примања се како една мала награда која би им се дала за време на селекцијата на која тие би присуствувале. Нашата намера е лицата кои ќе се пријават да добијат униформа и опрема, да поминат неколкудневна обука и потоа оние кои ги исполнуваат основните услови да бидат вклучени во полесни пожари, вклучително гаснење пожар на тревни површини. Оние кои понатаму би се покажале како похрабри, поподготвени и кои влеваат надеж дека можат да бидат добри пожарникари би имале можност да бидат вработени во локалните територијални противпожарни единици (ТППЕ), рече Ангелов.
Од најдобрите, особено во скопскиот регион, како што рече, ќе ги одбереме лицата кои ќе станат дел од новата специјална единица за заштита и спасување, која веќе е во фаза на формирање.
Ангелов информира дека најмал интерес за оваа мерка има во Скопско, а е предвидено ангажирање на 80 лица. Во останатите градови има поголем интерес.
Тој ги повика сите заинтересирани, особено младите кои се чувствуваат здрави и да аплицираат за оваа мерка.
МИА
Ново на Сител
-
СДСМ ја кандидира Каја Шукова за градоначалник на Скопје
-
Тема на денот со Горан Марковски, декан на Градежниот факултет
-
СДСМ ја кандидира Каја Шукова за градоначалник на Скопје
-
Вештачката интелигенција од септември ќе се применува во средните училишта во Македонија
-
Детска болница Козле доби вода
-
Болницата во Козле и денеска без вода – од Водовод велат проблемот е на болницата, не нивен
-
Продолжен рокот за пријавување на волонтери за гаснење пожари
-
Мицкоски предлага заедничка резолуција на Бугарија