Македонија
9. July 2018 - 19:51

Археолошкиот локалитет „Стибера“ со години запоставуван

Археолошкиот локалитет Стибера кај Прилеп со децении е запоставувам од страна на државата. Иако станува збор за град кој е на рангот на Хераклеа или Стоби, тој за 6 децении е откриен само 5%, а годишно за истражавања се одделуваат само по неколку илјади евра. Најголемиот проблем е што целиот локалитет дури и пронајдените градби се во приватен имот, а државата со години нема слух да го реши проблемот.

„Не се води грижа да се направи некој договор со сопствениците на овој имот, замена на парцели кои ги има многу во Пелагонија. А исто така и сумата не е голема, максимално до 15.000 евра, толку чини цел овој горен дел од акрополата на градот, толку треба да се одвојат, а тоа една кола за едно министертсво, ништо страшно“, изјави Душко Темелкоски, раководител на археолошките истражувања.

Поради тоа што имотот е приватен за жал дури и пронајдените објекти, наместо да се конзервираат повторно се затрупуваат под земја.

„Тука е собранието кое за жал сега е затрупано исто така годинава е засипуваме работилницата и она култно место каде што има божество со птичје лице, единствено во Европа“, додаде Темелкоски.

Жителите барале 1 нивни декар во Стибера да биде заменет со други 2 декари државно земјиште, но тоа не било одобрено. Наместо да претставува туристичко место, сега локалитетот е целиот обраснат во трева и е затрупан под земја.

Според бројот на ефебите, односно учениците кои учеле во гимназионот било утврдено дека Стибера имала околу 20.000 жители или во денешни рамки тоа би било еквивалент на голема светска метропола.

„Тука може да очекувама да се пронајдат театар, голем број јавни згради, а да не зборуваме за куќите на богаташите, повидните граѓани кои имале подни мозаици и слично. Но изгледа ние тоа ние нема да го доживееме“, истакна Темелкоски.

И годинава пронајдени се натписи на кои пишува дека некој виден граѓанин донирал да се изгради таа градба, истата е од 1 век од н.е. и се уште не е утврдена за што служела, лани во неа беше откриен бунар.