АРМ се вклучува во регулирање и контрола на мигрантите, на границите прогласена кризна состојба
Војската се распоредува на границата со Грција. Владата прогласи кризна состојба на јужната и северната граница поради зголемениот наплива на мигранти. Армијата ќе и помага на полицијата во контролата и регулирањето на лицата кои имаат намера илегално да влезат во Македонија.
- Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме, рече Иво Котевски, пом.министер за односи со јавноста во МВР.
Ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да изготви акциски план за понатамошно дејствување. Надлежните подготвуваат одговор за сите евентуални сценарија, по најавите дека доаѓаат уште повеќе мигранти.
Котевски информираше дека речиси и да немаат никаква координација на соодветно ниво со грчкото МВР, ниту пак имаат финансиска помош од ЕУ, иако дополнителниот ангажман на полицијата за обезбедување на јужната граница месечно чини околу 800.000 евра.
-. За жал јужната граница која е надворешна граница на ЕУ воопшто не беше заштитувана од грчка страна односно не само што беа пропуштани, не беа запирани илегалните мигранти односно лицата илегално да ја минуваат границата. Напротив бевме сведоци во голем број случаи кога истите организирано беа транспортирани до границата, рече Котевски.
Само во последните 24 часа МВР издало 1327 потврди на мигранти. За два месеци во државата евидентирани се близу 41.500 лица од Блискиот Исток кои илегално влегле во Македонија. Најголемиот дел се од Сирија. Во овој период барање за азил поднеле 47 странски државјани.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
