Македонија
1. August 2026 - 16:34

Пукање во воздух со пиштоли на прослава во Гостивар

Пукање со пиштоли во воздух, млади лица качени на автомобил со гостиварски таблички и тројца со огнено оружје во рака. Ова е дел од видеото со кое млади луѓе објавија на социјалните мрежи како слават, снимани и со телефони и со професионална камера.

Објавената снимка предизвика бурни реакции во јавноста за тоа како во денешно време се уште се слави со огнени оружја и пукање во воздух, иако има строга забрана за користење оружје по свадби и прослави.

-Ова не е во Курдистан, туку во Гостивар. Разбирам сѐ, но не ми е јасно која е поентата млади лица со пиштоли и со калашникови да пукаат, па уште и да се објавуваат на социјални мрежи. Замислете колку луѓе имаат страдано поради вакви глупости“, напиша адвокатот Мухамеди на социјалните мрежи.

Кога се случувала прославата не знае ниту полицијата, бидејќи не е пријавено пукање со огнено оружје при прослава во ОВР Гостивар.

-Во изминатиот период нема пријава во ОВР Гостивар за неовластено пукање со огнено оружје при семејни веселби, во врска со настанот за кој прашувате по допрен глас се преземаат соодветни мерки за идентифкување на лицата и расчистување на случајот, соопштија од СВР Тетово.

Пукањето на свадби и прослави во Македонија трае со години, иако законот предвидува и затворски казни.

Законот предвидува парична казна од 200 до 500 евра за пукање кога ќе се наруши јавниот ред и мир, а зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело “предизвикување на општа опасност” за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години.