Армијата го слави 33. роденден со свеченост во касарната во Штип
Во касарната „Јане Сандански“ во Штип денеска ќе се одржи централна свеченост по повод 33. роденден на македонската Армија. Повеќе од три децении исполнети со посветеност, пожртвуваност, знаење, храброст и одлучност во служба на Татковината ќе бидат одбележани со пригодна програма и присуство на високи државни и воени претставници.
Според протоколот на свеченоста, со пригоден говор на присутните ќе им се обратат претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На централната свеченост ќе бидат построени и новопромовираните 26 потпоручници и 149 подофицери.
За време на централната свеченост, претседателката Сиљановска-Давкова, како што соопшти Генералштабот на Армијата, ќе го одликува со „Орден за воени заслуги“ Центарот за обука на питомци и офицери, кој е дел од Командата за обука и доктрини.
На свеченоста се очекува да присуствуваат претседателот на Собранието, Африм Гаши, министри во Владата, пратеници во Собранието, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, пензионирани генерали, високи гости од повеќе институции во Републиката, воено-дипломатскиот кор во Република Северна Македонија и други.
По повод 18. Август Денот на Армијата, министерот за одбрана Владо Мисајловски упати честитки и благодарност до сите кои служат со чест, храброст и непоколеблива посветеност.
Одбележување на 18 август – Денот на македонската Армија почна во петокот (15 август) пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот. Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата се обратија пред вработените при што ја истакнаа нивната професионалност и посветеност на службата.
На свечениот собир на вработените Министерството за одбрана и Генералштабот присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар Елизабета Чуповска Ристова, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, вработени во Министерството и Генералштабот и останати гости.
По повод Денот на Армијата синоќа во скопската касарна „Илинден“ беше извршена почесна артилериска стрелба со истрелување 10 плотуни од артилериски орудија од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.
За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација на НОВ на Македонија. Процесот за формирање на современата македонска Армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Македонската Армија денес е составен дел од најголемиот колективен безбедносен систем откако Република Северна Македонија во март 2020 година стана 30 полноправна членка на НАТО.
МИА
Ново на Сител
-
Амбасадорот на ЕУ во Белград бара темелна истрага за евентуална прекумерна употреба на сила врз демонстрантите
-
Поради пожарот во „Јасен“, се уште затворен за сообраќај патот Македонски Брод - Скопје
-
Министерството за култура и туризам и Германскиот археолошки институт ќе потпишат Меморандум за соработка
-
Нестабилно време денеска, стабилизација од среда, за викенд повторно дожд
-
Додик: Нема да ја почитувам одлуката, останувам претседател на РС
-
20-годишно момче од Охрид е втората жртва во тешката сообраќајка на патот Битола – Ресен
-
Николоски: Нови авиолинии од македонските аеродроми, годината ќе ја завршиме со двоцифрен раст на бројот на патници
-
Три активни пожари до 18 часот, 16 изгаснати