Австралиски и германски научници првпат открија планини под Антарктикот

Меѓународен тим научници, под дебелата ледена покривка на Антарктикот открија остатоци од досега непознат систем на древни планински венци, чија големина може да се спореди со Хималаите. Откритието претставува значаен чекор во разбирањето на геолошката историја на Антарктикот, но и отвора нови прашања за развојот на животот на Земјата.
Истражувањето било спроведено од научници од Австралискиот национален универзитет (АНУ) и Германскиот истражувачки центар за геонауки (ГФЗ). Според нивните резултати, откриените остатоци од огромни древни планински венци датираат од периодот на формирањето на суперконтинентот Гондвана, пред околу 650 до 450 милиони години.
Според научниците, брзата ерозија на овие планини ослободила огромни количества важни хранливи материи како фосфор и железо, кои преку природните геолошки процеси завршиле во океаните. Токму овој прилив можеби одиграл значајна улога во развивање морски свет, како и појава на првите сложени животни пред околу 539 милиони години.
Според истражувачите, древните планински венци настанале како последица од судирот на Антарктикот со Индија и Африка за време на сложени тектонски процеси што довеле до формирање на Гондвана.
Овој геолошки процес научниците го опишуваат како најголем во создавање планини на Антарктикот. Откритието претставувало сериозен научен предизвик, пред сè поради екстремните природни услови на континентот.
Над 99,5 отсто од површината на Антарктикот е покриена со дебела ледена покривка што оневозможувала директно проучување на карпите под мразот.
За таа цел, наместо директно земање примероци од карпите, експертите анализирале седименти собрани со помош на океански дупчења долж континенталниот раб на Антарктикот, и на тој начин дошле до материјал што им овозможил да ја реконструираат геолошката историја на подрачјата скриени длабоко под мразот.
Во рамки на истражувањето биле испитани вкупно 1.712 ситни минерални зрна, односно кристали на циркон кои се особено значајни за геолошките истражувања. Нивниот геохемиски состав содржи зачувани информации за условите и периодот во кој настанале.
– Со детална анализа на кристалите успеавме да ја утврдиме староста и хемискиот состав на карпите од кои потекнуваат, откриваат експертите. Врз основа на добиените податоци, успеавме да реконструираме и дел од геолошките процеси за нивно создавање, како и да дојдеме до нови сознанија за древната тектонска активност на Антарктикот, објаснуваат тие.
Откритието има големо значење, не само за разбирањето на далечното геолошко минато на Земјата, туку и за предвидувањето на идните климатски промени. Познавањето на структурата и релјефот на копното што се наоѓа километри под ледената покривка е од суштинско значење за научниците кои ги проучуваат движењето и однесувањето на антарктичките глечери.
Меѓу другото, обликот и структурата на карпестата подлога под мразот директно влијаат врз брзината со која глечерите се движат кон океанот, а ваквите сознанија би можеле да им помогнат на истражувачите попрецизно да предвидат колку брзо мразот од Антарктикот ќе се движи кон морето и какви последици ќе остави врз глобалното ниво на морињата. Токму затоа, откритието претставува важен придонес во разбирањето на еволуцијата на континентот, развојот на животот на Земјата и процесите што можат да влијаат врз иднината на глобалната клима.
МИА
Ново на Сител
-

Протести во Прага поради планираното укинување на претплатата за чешките јавни медиуми
-

Од специјализирана продавница за „Покемон“ украдени карти во вредност од над 130.000 евра
-

Трамп бара од Конгресот дополнителни средства за модернизација на американскиот систем за контрола на воздушниот сообраќај
-

Следува променливо облачно и потопло време, од среда повремено силен јужен ветер
-

Изминатото деноноќие 15 пријави за семејно насилство во државава
-

Акциски контроли на подрачјето на Центар во Скопје, констатирани повеќе прекршошци
-

Седум ПП возила и 19 пожарникари гаснеле запалена барака во Жданец
-

Николоски: Охридскиот аеродром годинава ќе достигне помеѓу 370.000 и 400.000 патници наспроти предвидените 130.000 до 2030 година
