Свет
7. January 2026 - 16:29

Белата куќа: И воена силa е опција за завземање на Гренланд

САД разгледуваат повеќе опции за заземање на Гренланд, а користењето воена сила е секогаш опција, соопшти Белата куќа.

-Претседателот Трамп стави до знаење дека воспоставувањето контрола врз Гренланд е приоритет на националната безбедност на Соединетите Американски Држави и дека е од витално значење да се одвратат нашите противници во арктичкиот регион. Претседателот и неговиот тим разговараат за низа опции за остварување на оваа важна цел на надворешната политика и, секако, користењето на американската војска е опција што секогаш му е на располагање на врховниот командант, стои во сооштението од портпаролката на Белата куќа Каролин Ливит кој го пренесуваат светските медиуми.

Коментарот на Ливит следи откако лидерите на  Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија, Велика Британија и Данска излегоа со заедничко соопштение во кое се наведува дека безбедноста на Арктикот е врвен приоритет за НАТО, одбрабениот сојуз од кој дел се и САД и Гренланд, кој е дел од територијата на Данска.

„Гренланд припаѓа на нејзините луѓе. Данска и Гренланд, и само тие, треба да одлучуваат за прашања што се однесуваат на Данска и Гренланд“, се наведува во заедничката изјава во која се додава дека сојузниците, „го зголемиле присуството, активностите и инвестициите за да ја осигураат безбедноста на Арктикот и да ги одвратат противниците“.

Истовремено данскиот министер за надоврешни работи Расмусен ја отфрли идеја и на американскиот државен секретар Марко Рубио дека целта на САД е да откупи островот од Данска, а не воено да го нападне. Оваа тема ќе биде во фокусот и на итна средба помеѓу Рубио со министерите за надворешни работи на Данска и Гренланд.

Трамп во последните денови повеќепати повтори дека сака да преземе контрола над Гренланд, идеја што првпат ја изнесе во 2019 година, за време на неговиот прв мандат во Белата куќа.

Иако досега европските лидери ги игнорираа ваквите најави, по нападот врз Венецуела, ваквата акција на САД би можела да стане реалност, особено што ниту Данска, па дури ни нејзините европски сојузници, немаат воена сила што би можела да ги спречи САД да го окупираат островот.

Ваквата идеја повторно ја отвори дебатата за безбедноста, иднината на НАТО и интересите на големите сили.