Македонија
25. јуни 2026 - 19:43

Бенефит за граѓаните или интерес на локални моќници? Протест на жителите од Заполжани и Новоселани против изградба на пат

Жителите на долненските села Заполжани и Новоселани одржаа мирен протест затоа што во тек е реализација на изградба на пат од селото Заполжани до одрени парцели во полето во должина од 2,5 км. Според жителите апсурдно е оправдувањето на општината за оваа инвестиција дека со тоа во иднина ќе се поврзат општините Долнени и Кривогаштани затоа што доколку вистински тоа било намерата немало да се почне со асфалтирање од сред поле туку требало комплетно да се реконструира целиот пат кој поминува од клучката со регионалниот пат Прилеп-М.Брод па низ овие две села во должина од над 4 км.

Патот да се почни од магистралниот пат Прилеп – Македонски Брод, од Новоселани до инвестицијата нека се скрати, не бараме пат 6 метри широк, бараме колку постоечкиот 3 и пол метра“, изјава Зоран Илиески, жител на с. Заполжани.

Жителите се сомневаат дека целата оваа инвестиција се прави во корист на одредена приватна компанија за да и се олесни пристапот до нејзините капацитетите во полето, а додека постоечкиот пат Новоселани – Заполжани е во катастрофална состојба. А со поминувањето на тешки камиони по него комплетно ќе се уништи.

Со самото дооштетување ние како населени места немаме излез од другата страна каде да одите за Прилеп, Македонски Брод и други населени места, ќе мора да се откажеме од цивилизацијата“, кажа Петре Стојкоски, претседател на месна заедница с. Заполжани.

Откако е оформена општина Долнине во Заполжани нема инвестирано една лопата асфалт. Селото Заполжани е изолирано од светот, од цивилизацијата, третирани сме како граѓани од трета класа во државава. Само се притиска да се плаќаат даноци, ние да ги подмируваме обврските спрема Општината и државата, а повратен ефект немаме никаков. Ова нема да го дозволиме овде да се уништува нашиот пат, по секоја цена ќе го заштитуваме, ако треба и со живот“, додаде Горан Петрески, жител на с. Заполжани.

Градоначалникот на општина Долнени Блерим Ислами вели дека овој проект бил изгласан и аплициран до Владата од претходната локална самоуправа и сега инвестицијата била на Министерство за транспорт. Доколку жителите продолжеле со протести ќе се повлечеле парите. Жителите пак се закануваат со блокади се до промена на проектот.