Македонија
17. August 2022 - 12:31

Бербата на грозјето почнува за 5 дена а се уште нема одредено откупна цена

За 5 дена стартува бербата на грозјето, а се уште не е утврдена цената по која ќе се откупува. Лозарите велат дека се уценети од винариите, зашто во моментот производната е повисока од откупната цена. Бараат итна средба со ресорниот министер, бидејќи во спротивно грозјето ќе скапува по лозјата, а лозарите ќе излезат на улица.

-Без цена, не планираме грозјето да го носиме по винариите, планираме патиштата да ги блокираме. Затоа мора да седнеме на заедничка маса и да најдеме некое решение. Не може како што најавуваат некои винарии да откупуваат по 12 денари (за килограм грозје),  а нас производната цена не чини 14-15 денари, што фактички ние не можеме вака да опстанеме-изјави Дане Јошев, РЗ „Тиквешки лозар-овоштар“-Кавадарци

Јошев тврди дека 8 месеци бараат да се сретнат со министерот за земјоделие Љупчо Николовски, за да му посочат на низата проблеми со кои се соочуваат.

-Бидејќи министерот не сака да не слуша, писма му пративме 2-3 препорачани, еве јавно му кажуваме, не е исплатена зелената нафта, за регистриран млад земјоделец плус 20% не е исплатено, редовните субвенции за 1800 лица не се исплатени. Имавме суша, елементарна непогода, уште од лани се поднесени документите и за тоа уште нема ништо. Имавме и измрзнување- додава Јошев

Наместо да се подготвуваат за берба, тие живеат во неизвесност, зашто не знаат колкава количина ќе биде откупена, ниту по која цена, ниту пак кога ќе биде исплатата за предаденото грозје.