Македонија
1. December 2021 - 12:28

Блокиран штипскиот општински совет

Ќе дојде ли до блокада на работата на штипската локална самоуправа? Деветмината советници од опозицискиот СДСМ и по истекот на законски предвидениот рок од 15 дена не ги потпишаа свечените изјави и инсистираат тоа да го сторат на повторена конститутивна седница, зашто така стои во образложението на решението добиено до Државниот инспекторат за локална самоуправа. Координаторката на советничката група, Маријана Рогожарска - Поповска, истакна дека побарале мислење од Инспекторатот и врз основа на добиените насоки, ќе ги преземат идните дејствија.

Од друга страна, 13-те советници од ВМРО ДПМНЕ и коалициските партнери, го испочитуваа рокот и ги потпишаа корегораните свечени изјави на кои стои новото име на државата. Според координаторот на советничката група тоа го сториле од прагматични причини.

- Во интерес на граѓаните, да не дојде до блокирање на општината и донесување на „забрана за прописи“, со што во даден момент би се блокирала општина Штип, а индиректно, а индиректно би се блокирала работата на градоначалникот на општина Штип, изјави Душко Иванов, координатор на СГ- ВМРО ДПМНЕ.

Освен конситутивната, советниците од СДСМ бараат повторување и на другите одржани седници и поништување на донесените одлуки. Советничката од Левица ќе го почитува ставот на партијата и нема да потпише свечена изјава со придавката „северна“.