Македонија
23. September 2015 - 16:35

Богоевски во обвинителството за случајот „Маѓар Телеком“

Со насмевка влезе,  со неа и  ја напушти зградата на јавното обвинителство за организиран криминал. Поранешниот разузнувач четири часа сведочеше за аферата Телеком. Случај за кој обвинителството одлучи да покрене постапка по допрен глас, откако јавно беше објавено сведочењето на Слободан Богоевски пред Њујоршкиот суд во кое тој открива дека високи функционери од власта во 2005та добивале огромни финансиски средства за да спречат либерализација на телекомуникацискиот пазар.

Богоевски утрово беше донесен од затворот во Куманово, каде ја одлежува казната затвор за случајот Агент, а попладнево повторно беше вратен зад решетки.

Засега јавноста останува без одговор што говорел Богоевски пред обвинителството во Скопје. Неговото прво сведоштво ги крена на нозе споменатите во аферата кои веднаш ги демантираа неговите тврдења.   

Сите со одбрана дека она што Богоевски го говорел пред судот во Њујорк не е вистина, дел со докази од американските истражни органи, дел со најави за тужби.

Задачата на македонското обвинителство е да утврди што од она што го говори поранешниот разузнувач е вистина и дали грѓаните плаќале повисоки цени за телекомуникациските услуги поради парите кои за тоа ги земало државното раководство.