Македонија
22. August 2022 - 12:47

Бронфопневмонија и повишена температура се главни симптоми на Африканската свинска чума

Бронфопневмонија и изразено повишена температура, се првите симптоми за присуство на вирусот на африканската свинска чума, на кои фармерите треба да обрнат внимание и веднаш да ги алармираат инспекциските служби и ветеринарите. Вирусот ги напаѓа крвите садови и предизвикува крварење.

-Се јавуваат петихијални или точкасти крварења по кожата на животните, кои во текот на првите 24 до 48 часа конфлуираат, односно се спојуваат, така што се појавуваат т.н. цијанотични региони по кожата на животните –изјави проф. Димитар Наков, Земјоделски факултет-УГД-Штип.

Дивите свињи се резервоар на вирусот. Болеста ја шират крлежите, фармерите со контаминирана облека и обувки и при директен контакт на болна со здрава свиња.

-Вирусот се излачува преку секретите и екскретите, преку плувачка, исцедок од нос, преку изметот, го има и во урината, што значи дека ја контаминира и животната средина. Посебвна опасност е ова за оние сточари кои свињите ги изведуваат на испаша, односно, ги пуштаат надвор од одгледувалиштата- додаде Наков.

Биосигурносните мерки подразбираат поставување на дезинфекциски бариери, ограничено движење на луѓе меѓу животните на фармата и преземање на мерки против глодари кои се пасивни преносители на виросот.