Бугарија ќе нема право на вето кај постепеното зачленување во ЕУ
Бугарија нема да може да го искористи своето право на вето доколку Македонија, заедно со Украина, Црна Гора и Албанија, го прифати новиот план на ЕУ за проширување преку т.н. асоцијативно, односно постепено зачленување. Сепак, покрај двата услови што ги бара Брисел – заедничка надворешна политика со Унијата и реформи во делот на владеењето на правото – за Македонија ќе остане и дополнителниот услов: уставни измени, вели премиерот Мицкоски за најновата идеја на Брисел.
Бугарија не може да стави вето, бидејќи тогаш и формално ќе бидеме членка на ЕУ, ќе бидеме на масата, а знамето на државата ќе се вее во Брисел, доколку тој процес се операционализира... Претпоставувам дека ќе важи и третиот услов, оној што го прифати претходната влада – измената на Уставот... Нема да имаме право на глас, ниту право на комесар, но ќе можеме да учествуваме во работата на Европскиот совет и институциите во Брисел.“
Мицкоски вели дека во игра се две опции: првата е планот да се реализира со Украина плус трите држави од Западен Балкан, а втората е тој да се прошири и на Молдавија.
Тој и претходно, на панел-дискусија на тема евроинтеграции, зборуваше дека Македонија е жртва на класичен булинг од држави-членки на ЕУ кои го уценувале нејзиното интегрирање и дека за нас не важел мерит-системот. Но, покрај соседите, за премиерот одговорност за процесот има и кај поранешната власт.
„Затоа, за еден народ и една нација нема поголемо зло од корумпирани таканаречени лидери на таа нација, мекотели, луѓе коишто се мекото ткиво на нацијата и коишто, за жал, се изнагледавме во минатите години и децении на македонската политичка сцена. И тие се тие коишто нè доведоа до оваа ситуација во којашто денеска се наоѓаме – наместо да преговараме за вредности, за владеење на правото и за некои други стандарди, ние денеска преговараме за билатерални прашања коишто не водат никаде… Затоа треба многу добро да размислиме во однос на тоа што сега се заговара за прва и втора лига членки на ЕУ, односно за градуална или постепена интеграција, со многу заштитни механизми, и како регион да донесеме одлука што мислиме и како мислиме да постапиме.“
Опозиционерот Филипче, пак, во ова гледа анти-ЕУ реторика и изолација на државата.
„Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за ‘булинг’ и ‘прва и втора лига’. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите, а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски и ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“, возврати лидерот на СДСМ на Фејсбук.
Претходно, алабнскиот премиер Рама во неколку наврети изјави дека постапеното интегрирање е добар и прифатлив начин Албанија што побрзо да стане членка на Унијата. Србија, пак, која исто е кандидат за членство со отворени прегови, се уште нема прецизна изјава за ова сценариот. Нејзиниот претседател Вучиќ минатата недела коментираше дека поддржува модели на постепено членство, но Србија нема да прифати услови што ги смета за спротивни на националните интереси, особено во делот на односите со Косово и усогласувањето со санкциите кон Русија.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
