Македонија
16. July 2025 - 10:58

Царината заплени над пет илјади фалсификувани „Ејпл“ маски за телефон

Мобилен царински тим заплени над 5,6 илјади парчиња фалсификувани маски за телефон „Ејпл“ коишто увозник од Скопје со намера да го скрие делото, логоата ги прикривал со пластифицирани налепници, соопшти денеска Царинската управа.

За случајот е поведена постапка за повреда на право од интелектуална сопственост и е утврдено дека станува збор за фалсификувана стока која во нашата држава требало да се продава како оригинална. Вкупната проценета вредност доколку би се продавале како оригинални е 5,6 милиони денари.

Од Царината информираат дека изминатите денови се сузбиени повеќе случаи на криминални активности. Мобилен скенер на Табановце при контрола на товарно моторно возило запленил над 112 парчиња разна стока, во најголемиот дел спортска облека со потписот на „Најк“, што сторителот се обидел да ја шверцува во државата.

Исто така, патничко комбе натоварено со специјално дизајниран и изработен разладувач наменет за македонска фирма, чиј испраќач е фирма од Србија поминал на граничен премин без да ја пријави стоката и за неа да плати царински давачки. Истото е стопирано на патниот правец Куманово - Скопје од мобилен царински тим од којшто е спречен во намерата. Против сторителот е поведена соодветна постапка, а стоката е запленета.

Информираат и дека мобилен царински тим при контрола на патничко моторно возило на влез во државата на граничен премин Табановце кај четворица патници, македонски државјани, открил вкупно 60 илјади евра. На патниците, согласно Законот за девизно работење вратени им се по 10 илјади евра, а останатите вкупно 20 илјади евра се запленети. 

Во текот на изминатата една година мобилните тимови од Одделението за оперативни работи при Секторот за контрола и истраги откриле и спречија 275 обиди за криминални активности, или за повеќе од двојно споредбено со годината претходно кога имало евиденција за 118 заплени.

 

МИА