Централна карневалска вечер во Струмица
Со традиционалниот маскенбал синоќа и изборот на принц и принцеза на струмичкиот карневал традиционално официјално почнува карневалската забава во градот под Царевите Кули. Принцот и принцезата со кралот на струмичкиот карневал ќе ја предводат големата карневалска поворка вечерва на Интернационалната карневалска вечер и ќе го означат почетокот на годинашното издание на еден од најпознатите карневали на Балканот и во Европа.
Карневалските празнувања годинава продолжуваат со Детскиот карневал на Прочка, утре на плоштадот во Струмица, а на 11 е Чист понеделник, кога традиционално се вари и се консумира бел грав. Истиот ден ќе бидат објавени и резултатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер и отворена изложбата и доделени наградите од наградниот конкурс за карикатури и афоризми на тема карневал.
Традиционалното карневалско корзо, посетата на домовите на армасаните (верените) девојки како и доделувањето на наградите на најдобрите карневалски маски ќе се одржи на 12 март.
Карневалските празнувања завршуваат на 13 март со одбележувањето на тримерските обичаи и враќањето на клучот од градот од карневалистите на градоначалникот.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
