Чествување на св. Кирил во Рим, државно-црковната делегација ја предводи претседателот на Собранието, Гаши

Државно-црковна делегација на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, во Рим ќе му оддаде почит на св. Кирил, во рамки на традиционалната манифестација посветена на сесловенските просветители.
За време на престојот во Италија, претседателот на Парламентот Гаши денеска во Ватикан ќе има аудиенција кај папата Лав XIV и средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светата Столица.
Поклонението во чест на св. Кирил ќе биде утре во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, каде што свештенослужители на Македонската православна црква, предводени од архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, ќе одржат молебен на гробот на светителот и творец на словенската писменост.
Македонската делегација ќе ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“ каде што претседателот Гаши ќе положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Таа е поставена во 2015 година како благодарност од македонскиот народ за гестот на папата Адријан Втори, кој во 868 година, во оваа базилика ги осветил словенските книги што во Рим ги донеле браќата Константин (Кирил) и Методиј.
Во базиликата „Санта Марија Маџоре“ делегацијата ќе го посети и гробот на папата Франциск, кој почина минатата година.
Манифестацијата во чест на св. Кирил во Рим ќе заврши со концерт на камерниот ансамбл „Консонанс“ во салата „Хорти Салустиани“.
Во делегацијата предводена од Гаши се пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Даниел Стојчевски и Беким Ќоку, претставник од Владата е министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во црковната делегација, предводена од поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан, се митрополитите на Европската и на Дебарско-кичевската епархија, г. Пимен и г. Георгиј, заедно со отец протојереј ставрофор Зоран Стојанов, претставник од Католичката црква.
Во 11 век Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Денот во Македонија првпат бил одбележан на 11 мај 1860 година во црквата „Св. Богородица“ во Скопје.
Чествувањето со разни манифестации продолжува до денес, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“ (Сан Клементе) во Рим. Првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и на просветните работници, а од 2007 година е државен празник во нашата земја и неработен ден за сите граѓани.
МИА
Ново на Сител
-

РСБСП со апел: Внимателно и одговорно во сообраќајот за продолжениот празничен викенд
-

Кафе-дебата „Скопје – европски град на културата 2028: Културното наследство и современата културна динамика“
-

Најстудено изутринава на Попова Шапка и Лазарополе, најтопло во Скопје - Петровец
-

Чествување на св. Кирил во Рим, државно-црковната делегација ја предводи претседателот на Собранието, Гаши
-

Без струја дел од корисниците во Ѓорче Петров
-

Сообраќајка ноќеска на скопска обиколница, камион преминал во спротивна лента, четири лица загинаа
-

Свеченост на УКИМ за 77 години од основањето и патрониот празник- 24 мај
-

Американските конгресмени повторно предлагаат трајно воведување на летното сметање на времето
