Македонија
22. March 2021 - 16:50

Децата од Козле префрлени на клиники - Детската болница станува Ковид центар за возрасни

Продолжен е полицискиот час до 6 април. Владата одлучи поради зголемениот број на заразени со коронавирусот и во наредните две недели да има забрана за движење во периодот од 22 до 5 часот наутро.

Во меѓувреме покрај новозаразени и починати, се зголемува и бројот на граѓани со компликации од вирусот на кои им е неопходно болничко лекување. Според извештаите од министерството за здравство минатиот понеделник имало 1040 хоспитализирани, а денеска има 1315 пациенти со Ковид  во Скопје и болниците низ државата.

По дел од хирушките клиники, од утре нов ковид Центар за возрасни станува и детската болница во Козле. Сите пациенти од оваа установа се префрлени во Детската Клиника. Клиниките пак кои сега третираат инфицирани со вирусот ги одложиле сите операции кои не се итни.

Со капацитет од 100 кревети и кадар од 3-те најголеми приватни болници засега министерството за здравство не планира во функција да ја стави поранешната болница “Мала Богородица”. Според здравствените власти засега нема да ангажираат ниту лекари и сестри од приватните установи во јавното здравство по примерот на Грција која им наложи на специјалистите да дојдат и да помогнат во болницитe во справувањето со третиот бран.

-Засега добро оди обезбедувањето на болнички капацитети за лекување ковид пацинети, како и ротација на здравствениот персонал, од таа причина сега не е потребно активирање на поранешната болница Мала Богородица. Исто така засега не е потребно ниту ангажирање на здравствен кадар од приватните болници, одговорија од мз.

Доодека се чекаат најавените вакцини на АстраЗенека преку Ковакс кои треба да стигнат до 15 април, конкретен датум за кинеските од Синофарм нема.

И во втората пратка од Русија ќе има само 3000 дози Спутник В неопходни за ревакцинација на здравствените работници. Оние кои први се вакцинираа треба да ја примат втората доза идната среда.