Македонија
27. August 2025 - 16:40

Деканот на Градежен, Горан Марковски кандидат за градоначалник на Скопје од Независни заедно

„На Скопје му треба помош“. Независни заедно го претставија својот кандидат за градоначалник на Скопје – деканот на Градежниот факултет, Горан Марковски кој до Камениот мост пристигна на велосипед. Друштво му правеше и кандидатката за градоначалничка на Центар од Независни заедно, Билјана Ивановска.

-Скопје плаче. Скопје се гуши. Тоне во смет. Скопје се суши. На нашето Скопје му треба помош. Скопје моли за шанса од оние коишто го сакаат, рече Марковски.

За Марковски е неприфатливо што во првата половина од 21-от век скопјани наместо за дигитализација и модернизација на градот зборуваат за гол опстанок на главниот град.

Тој допрва ќе ја подготвува својата програма. Во фокус ќе му биде аерозагадувањето, водоводната мрежа, сообраќајот.

-Конкретните решенија ќе настапат во текот на кампањата. Меѓутоа, верувајте дека како инжинер не можам да пристапам паушално и со импровизација. Имаме точни, заедно со големиот тим стручни лица коишто се околу мене, имаме точни решенија како да го намалиме загадувањето, како да го решиме сообраќајот во Скопје, како да создадеме зелен обрач околу Скопје, рече Марковски.

За градоначалник на главниот град покрај Марковски, како единствен независен кандидат, во игра се и Орце Ѓорѓиевски како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Каја Шукова од СДСМ, Амар Мециновиќ од Левица, Башким Бакиу од ВРЕДИ и Скендер Реџепи Зејд од ДУИ.