Бизнис
20. December 2018 - 20:48

Дел од тутунарите и првиот човек на сојузот со меѓусебни обвинувања за финансиска проневера

Дали од сметката на Сојузот на тутунарски здруженија се украдении 9 милиони денари ? Дел од здруженијата на тутунари од Прилеп, Долнени и Крушево денеска на прес конференција го обвинија претседателот на Сојузот Кире Неделкоски дека незаконски ги присвоил овие средства. За ова поднесле и кривична пријава до ОЈО. Го обвинија и Централниот регистар дека манипулира со тоа што не сакал да го избрише Неделкоски од претседател на Сојузот иако тие како здруженија го имале сменето и назначиле нов.

„Сите членки на Сојузот едногласно донесовме одлука за разрешување на претседателот и именување на нов претседател. Повторно значи прашуваме која е улогата на Централен регистар. Значи одлуките на собранието не ги почитува. Тоа е тоа нас што не разочарува. Сметаме дека некоја повисока сила стои зад сето ова“, вели Илија Тотески, секретар на „Братство“ од Крушево.

Тутунарите се заканија со протести ако не им се реши проблемот.

„Само на негова сметка што има извадено 5 милиони денари“, истакна Муса Ибраимоски, претседател на „Златен лист“ Долнени.

Неделкоски пак вели дека токму тој открил дека здруженијата проневериле 2,5 милиони евра и затоа денеска лажно го обвинувале.

„Проневерени се околу 2.5 милиони евра. Продажба на објекти на тутунопроизводителите, каде што точно знаат прилепчани како е продаден објектот на здружението Мице Козар, во Крушево, во Демир Хисар, во Струмица, значи тоа се повеќе објекти каде што една организирана група од 16 здруженија не дозволувала 10 години ниту влез на друго здружение“, изјави Кире Неделкоски, претседател на Сојуз на тутунарски здруженија.

Неделкоски ги повика надлежните органи во најбрз можен рок да докажат кој направил криминал.