Бизнис
27. August 2026 - 16:33

Дурмиши: Цените во маркетите засега се стабилни, инспекциите продолжуваат

Цените во маркетите засега се стабилни, вели министерот за економија Дурмиши. Но, поскапото гориво значи и поскап транспорт, а тоа ќе се одрази и кај производите на рафтовите. Затоа пазарните инспектори следат што се случува со маржите кај трговците – дали повисоките трошоци се единствената причина за покачени цени или некој се обидува да заработи повеќе. Доколку се покаже дека трговците без оправдана причина ги зголемуваат маржите, Владата ќе реагира.

„Нормално дека кога ќе се зголеми цената на нафтата, тоа ќе влијае, но ние ќе гледаме според административните механизми што ги имаме, да интервенираме ако се зголемува бруто профитната маржа. Пак ќе направиме контроли. Сме во една светска криза, не само кај нас, но пак во регионот сме најевтини во делот на цените“, вели Дурмиши. 

А трговците имаат и свое барање. Со измени во Законот за нефер трговски практики сакаат повторно да им биде дозволено да ги враќаат непродадените производи.

Дурмиши вели дека ќе имаат средба и ќе го разгледаат барањето, но прво треба да се види колку навистина губат поради непродадената роба. А бидејќи правилата се донесени според европски препораки, за евентуална промена ќе треба да се разговара и со Европската Унија.

Во рамки на измените на Законот планирани се и повисоки казни, и тоа до десет пати.

Инаку од вчера почна да важи и мерката за поевтин училишен прибор. За трговците на големо намалувањето треба да биде најмалку 10 проценти, а за оние на мало најмалку 15 проценти. Кој нема да ја почитува мерката, ќе се соочи со казна.