Македонија
7. October 2016 - 16:17

Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски оствари низа средби во Њујорк

Стратешка заложба на Македонија е членството во НАТО и ЕУ, потврда која лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Геуевски му ја упатил и на Ричард Хас, претседател на советот за надворешна политика на САД. На средбата во Њујорк, биле афирмирани приоритети на Македонија во однос на надворешната политика. Покрај членството во меѓународните организации се разговарало и за мигрантската криза и политичката состојба во државата како и за значењето на престојните избори како единствен излез од политичката криза. Советот за надворешна политика на САД кое обединува политичари, дипломати, банкари и финансиери, професори од угледни универзитети има повеќе од деведесетгодишна традиција и едно од највлијателните тела кое ги одредува насоките по кои се одвива надворешната политика на САД.

- Разговаравме и за повеќе значајни работи во делот на односите помеѓу Македонија и САД, за нашето сојузништво, партнерство и за сите оние работи кои што може да бидат предмет на заедничка соработка во иднина. Наша стратешка заложба е земјата да се вклучи во НАТО и во ЕУ и во тој поглед разменивме мислења за натaмошните правци како да се работи да се оствари оваа наша стратешка цел”, вели Груевски.

За евроатлантските интеграции Греусвки разговарал и со Дејмон Вилсон извршен потпретседател на атлантскиот совет, со Мајкл Михан шеф на американското тело за набљудување на медиумите, како и со Џек Росен, претседател на Американскиот еврејски конгрес. Соговорниците ја изразиле поддршката за Македонија и чекорите кои ги превзема власта.

- Кога станува збор за членството во НАТО, Македонија работи напорно, ги поддржувам напорите на Груевски да се придружат во НАТО и значајно е да се земе предвид напорната работа која ја презема македонската влада на тој план. Постојат на глобално ниво премногу предизвици,  но Македонија и нејзиното раководство работат напорно државата да ја насочат кон правилна насока и правец.“, вели Михан.

- Македонија поминува низ важен период и важни избори кои престојат, исто како и Америка  која го чека завршетокот на изборите и откако тие ќе поминат, ќе се внесе енергија и надеж во атланските интеграции со цел да се финишираат интеграциите на сите земји од Западен Балкан вклучително и Македонија“, изјави Вилсон.

На средбата во Њујорк со претседателот на Американскиот еврејски конгрес Џек  Росен, влијателна тинк-тенк групација со значителни финансиски средства и политичко влијание било разговарано и за добрите и пријателски односи кои се негуваат со еврејската заедница, чекорите кои се преземани од страна на Македонија кон негување на традицијата и заштита на културното наследство на еврејската заедница присутна во Македонија. Со оглед на тоа дека Американскиот еврејски конгрес преставува влијателна организација во САД, се разговараше за можностите за зацрвстување на соработката и нивната помош во насока на интензивирање на македонско американското пријателство.