Македонија
12. јуни 2026 - 16:32

Уставните измени и изборите отворија нов фронт меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Последната средба во Бугарија и јасната потврда дека уставните измени не се единствениот ултиматум од Софија, причина за партиски обвинувања меѓу власта и опозицијата. Владејачката ВМРО ДПМНЕ реагира дека со уставните измени се отвора пандорината кутија, а тоа им одговара само на Бугарија и на Филипче кој според нив прифаќа се без размислување.

-Капитулантскиот договор кој го потпиша власта на СДС кој е лош за Македонија а добар за Бугарија, е доказ за потчинетата дипломатија која ја водеа неуспешните и корумпирани политичари од минатата власт на СДС и ДУИ. Првиот чекор се уставни измени, а потоа би следеле национални и идентитетски отстапки, редефинирање на историјата и негирање на јазикот. Сето ова за Филипче е прифатливо без доза на размислување, велат од партијата.

По изјавата на премиерот за избори , опозицијата обвинува дека без резултати и празна државна каса Мицкоски брза со ново изборно соочување. Упатија сериозни критики до премиерот обвинувајќи дека го менува ставот – пред неколку месеци тврдел дека нема да има избори, а сега брза кон нив.

-Мицковски сака да ги распише изборите предвреме за да ја скрие празната државна каса која ја испразнија со грабеж преку тендери.  Но и неисполнетите ветувања пред граѓаните, катастрофалната економска состојба, растечката сиромаштија. Избори ќе има, бидејќи Мицкоски веќе го смислил сценариото, но нема да може да се спаси себеси и својата банда која ја опустоши државата, реагира опозицијата.

Му порачаа на Мицкоски дека нема да бидат алиби за распишување на избори.