Демири го смени Петличковски од претседател на Комисијата за заразни болести
Професорот Александар Петличковски е сменет од претседател на Комисијата за заразни болести. Според информации на Сител, новиот министер за здравство за прв човек на советодавното тело планирал да го назначи неговиот колега од Инфективната клиника и поранешен директор професор Звонко Миленковиќ кој е во пензија, но и понатаму беше активен член на Комисијата.
Од министерството за здравство негираат и тврдат дека Петличковски се уште е претседател на Комисијата за заразни болести, но тој пак во телефонски разговор за Сител потврди, попладнево добил известување дека е разрешен од функцијата, а ќе биле именувани и нови членови, но тоа ќе се знае утре за кога е закажан и нов состанок на КЗБ на која меѓу другото ќе се разгледува и епидемиолошката состојба со големата кашлица и грипот.
Инаку Петличковски го наследи Жарко Караџовски кој беше претседател на Комисијата за време на Короната. Тогаш и ова тело кое даваше препораки, предлагаше рестриктивни мерки и полициски часови стана актуелно во јавноста. Нивните одлуки ги чекаа сите граѓани.
Караџовски беше сменет со доаѓањето на Беким Сали, кој пак го прошири составот, а за прв човек го назначи имунологот Петличковски. Тој продолжи да раководи со Комисијата повеќе од две години вклучително и во мандатот на Фатмир Меџити, но Илир Демири одлучи да го смени само една недела откако стана министер.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар