„Подготовка за поширока ЕУ“ – Кос ги претстави петте измени во начинот на одлучување
Подготовка за поширока Европска Унија – ова е документот кој, доколку добие поддршка, ќе го реформира проширувањето на ЕУ. Еврокомесарката за проширување ги претстави петте измени во начинот на кој во ЕУ се одлучува за преговорите и приемот на нови земји-членки.
Две точки се најважни за нас. Кос најави укинување на ветото во процесот на преговорите и оддалечување од одлучувањето на Унијата со конзесус. Ветото останува, но земјите-членки ќе можат да го искористат на крајот од преговорите, а не за време на пристапниот процес.
-Возможно е да се намали бројот на области во кои една земја сама ќе може да стави вето на одлуки кои имаат поддршка од сите останати. На пример, за санкции или во борбата против даночни измами, или во пристапниот процес во меѓучекорите помеѓу отворањето и затворањето преговорите. Кога преговараме и склучуваме меѓународни договори за да се избегнат мешовити договори, рече Кос.
Постепена интеграција не значи и замена за полноправно членство во Унијата, децидна беше еврокомесарката. Вели дека тоа е забрзување на проширувањето и е геополитички мост за заштита на континентот. Но, постепената интеграција ќе има два клучни услови за напредок – прогрес околу реформите и тоа што е ново е, усогласеност со стратегиските цели и политики на Унијата.
-Откако земјите-кандидатки ќе ги исполнат стандардадите тие ќе можат да учествуваат во стратешки сектори, што ќе биде јасен вин-вин за сегашните и идните земји-членки. Сектори како енергетика, транспорт, Вештачка интелигенција, безбедност или одбрана. Ова значи дека гледавме и на тоа што оваа постепена интеграција ќе ни донесе нам. Ова е добро за европските компании и нивните партнери во идните земји-членки. Работејќи под исти стандарди, ќе можат полесно да прават бизнис. И ова е особено важно за реконструкцијата на Украина, рече Кос.
Додека Брисел се подготвува за широка Унија, Скопје и Софија го одредија терминот за средба меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија. Муцунски и Петрова Чамова ќе се сретнат в четврток во 14:30 на маргините на министерскиот совет за коридорот 8.
Поранешниот амбасадор Јован Теговски во изјава за Сител вели дека очекува на оваа прва средба, која доаѓа по подолг период без контакт меѓу на највисоко ниво, и двете страни ќе ги претстават своите цврсти ставови.
-Тоа не значи дека двете страни ќе останат во рововите коишто се ископани од поодамна. Меѓутоа, ќе претставува веројатно една можност да се отвори едно прозорче за понатамошни контакти и да се види дали ќе може да се најде решение за проблемот којшто го наметна нашиот источен сосед, вели Теговски.
Сепак, Теговски вели дека оценка за тоа дали оваа средба ќе биде само формална, колку да се задоволат желбите на Брисел, или навистина има желба за надминување на спорот и во Скопје и во Софија, ќе може да се даде дури откако ќе заврши оваа средба меѓу Муцунски и Петрова Чамова.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
