Македонија
16. July 2023 - 16:39

Денеска е најтоплиот ден - Лекарите апелираат на внимателност

Само до пладне екипите на скопската Брза помош интервенирале кај двајца граѓани кои колабирале на улица поради високите температури. Дневно во Службата регистрираат по 3 до 4 вакви случаи.

-Ако се случи колапс околината да го изолира лицето и да го раскомоти од облеката и да се повика брза помош. Изјави д-р Анита Димовска, одговорен лекар на смена во Службата за итна медицинска помош Скопје.

Топлотниот бран кој ја зафати земјава изминатите денови го зголеми и бројот на повици во Брзата помош.

-Линиите се вжештени би рекла, има многу луѓе кои се јавуваат и бараат совети, вели д-р Димовска.

Лекарите од Брза помош апелираат граѓаните да ги почитуваат советите за  полесно да се справат со горештините.

-Овој период да не се излегува ако е неопходно и најбитна е рехидратацијата и многу голем внес на течности, советува д-р Димовска.

Не само на Балканот, пеколни температури има и во делови на Европа, САД и Кина.

Според последната објавена медициснка студија само на европскиот континент лани починале над 62.000 луѓе како последица на екстремно топлото време.