Македонија
16. March 2023 - 16:31

Дијабетичарите трет месец чекаат ленти за мерење на шеќер во крвта

Повеќе од 3 месеци државата остави околу 35.000 дијабетичари без неопходните ленти за мерење на шеќерот во крвта. Дел од нив за овој период се снаоѓале со размена од други пациенти, други пак си ги купувале приватно. Од министерството за здравство велат дека проблемот додека да се реализира тендерот ќе го решаваат со вонреда дистрибуција на ленти во инсулинските аптеки.

Над 35.000 дијабетичари повеќе од 3 месеци се оставени без ленти за мерење на шеќерот во крвта. Од Сојузот на здруженија на дијабетичари алармираат дека пациентите со Тип 2 досега се снаоѓале со меѓусебна размена, а за најкритичните ленти и глукомери се обезбедувале преку донации.

-Прво причина е што заврши претходниот тендер двегодишната набавка на глукомери и ленти. За тип 1 мал дел даваат парцијално. Нема одговор дали ќе се објавува нов повик за набавка на ленти и глукомери или ќе се менува моделот врз основа на нашето барање од пред неколку години за референтни цениза лицата со дијабетес на инсулинска терапија, изјави Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.

Велев вели дека за секој дијабетичар на инсулинска терапија лентите за мерење гликемија се неопходни за да може квалитетно да се менаџира дијабетесот и да се избегнат сериозни компликации.

-Ако немаме ленти ние не знаеме колку треба да доставиме или одземеме единици, додаде Велев.

Од Сојузот прашуваат што ќе биде со овие три месеци, дали пациентите ќе добијат надокнада зошто државата ги оставила без ленти и глукомери. Засега од здравство нема прецизна информација ниту кога ќе се реализира набавката на ленти, но и на инсулин за наредните две години.

Во тек е вонредна дистрибуција на ленти за мерење гликемија во сите инсулински аптеки во државата. Инаку, во финална фаза е двогодишната јавна набавка за обезбедување нови количини инсулинска терапија и ленти за мерење гликемија, одговорија од министерството.