Македонија
15. October 2026 - 16:31

„Див запад“: Неповолен извештај на ДЗР за работата на општина Кичево

Современ „Див запад“ - општина Кичево реализирала капитални проекти без соодветно планирање и документација, не презела доволно мерки за да си го наплати данокот, плаќала сметки за неактивни броеви, градоначалникот подарувал мобилни телефони на успешни граѓани и гости кои општината ги добивала како субвенција од договорот за мобилна телефонија.

Ова се само дел од наодите од Извештајот на државната реивизија за работата на општината за 2024 година.

Ревизијата утврдила разлика од 533 000 евра, меѓу сметководствената и даночната евиденција.

Речиси 15 милиони денари, општината ги евидентирала како стари побарувања. Поради ненавремената наплата постои неизвесност воопшто да бидат наплатени. Данок на имот пресметувала според процени од 2008 годинабез да се направи ревизија на пазарната вредност.

Во една година Кичево исплатила 926.000 евра за капитални проекти кои не биле предвидени во годишната програма. За реконструкција на локални улици утврдени се надминувања на договорените вредности без да бидат потпишани анекс-договори. И покрај тоа евидентирани се отстапки во изведбата, недостиг на документација, фактурирање работи за кои немало докази дека биле изведени.

Општината дала 30 милиони денари за парк во Зајас. Но ревизорите на терен затекнале запуштен парк, без зеленило и со нефункционална опрема. Состојба толку лоша, што не можеле да потврдат дали општината платила за реално изведените работи.

„Изградбата на објект без соодветно одобрение за градење, разликите помеѓу договорената и фактичката состојба на терен и неодржувањето на изведбата, влијае на квалитетот на изведените работи и ја прават инвестицијата нефункционална, со што се доведува во прашање целта на проектот и наменското трошење на буџетските средства“, се вели во извештајот на ДЗР.

Општината склучила договор на две години за мобилна телефонија во декември 2023 вреден 3,3 милиони денари за најмалку 100 телефонски броја и субвенции за набавка на уреди.

„За 100 телефонски броја нема поткрепувачка документација дека се распределени на конкретни вработени, од кои 37 биле целосно неактивни, иако за нив е платена месечна претплата во износ од 52 илјади денари, односно 624 илјади денари годишно“, пишува во извештајот.

Дополнително, субвенционираните уреди завршиле кај гости на градоначалникот и успешни граѓани, но ревизорите не нашле докази кој точно ги добил мобилните телефони.