Македонија
13. August 2021 - 16:34

ДКСК: Огласите за вработување ги ставаат апликантите во заложничка позиција пред избори

Додека собранискиот спикер на 6 август го потпишуваше решението за старт на изборниот процес, државните институции го преплавија со огласи за вработување сајтот на агенцијата за администрација. Министерства, општини, јавни претпријатиа, болници побараа нови вработувања. Антикорупциска вели, тоа не е во духот на доброто управување.. Огласите можеле да служат за обезбедување гласови.

„Со самото објавување, они ги ставаат во заложничка позиција оние кои очекуваат да бидат вработени и тоа може да си го користат како класичен клиентелизам, односно, како обезбедување на гласови. Тие може веќе некои се пријавиле, ги имаат нивните податоци, кои се, кои се нивните семејства. Значи има простор за поголеми сомнежи и затоа сметаме дека тоа не е во духот на доброто управување“, изјави Билјана Ивановска, Претседател на ДКСК.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта спроведувала предизборен поткуп на администрацијата. На ден пред распишување на изборите, дел од административците добиле 30 процентно зголемување на плата во траење од неколку месеци како награда за својата работа.

„Селектирани кадри добиваат 30% по предлог на СДСМ и на ДУИ, на 5-ти август, ден пред распишување на изборите, веќе потпишани решенија од министри. Чист случај на изборен поткуп, на однапред договорена акција, спроведена на ден пред распишување избори, додека Македонија гореше!“, изјави Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Антикорупциска пак велат, воочливо било дека се избегнуваат забраните кои потекнувале од изборниот законик. Се делеле субвенции, се правеле увиди во градежни активности.

„Порано немаше забрани, а произлегле од непрофесионалното и несоодветно постапување на претходните гарнитури и се договориле дека ќе има правила на игра. Секоја година гледаме дека овие правила на игра се сака да се заобиколат, не знам зошто. Нека ги укинат и секој нека работи по своја совест“, вели Ивановска.

Антикорупционерите најавиа дека будно ќе го следат однесувањето на сите вклучени во изборниот процес. За таа цел ќе ангажираат и 50тина набљудувачи за следење на теренските активности на политичарите.