ДКСК отвори предмет за наодите содржани во ревизорскиот извештај на ДЗС кои се однесуваат на ИЈЗ

Државната комисија за спречување на корупцијата соопшти дека денеска на колегиум, постапувајќи согласно своите надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по сопствена иницијатива отвори предмет во врска со наодите содржани во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, а кои се однесуваат на Институтот за јавно здравје.
Како што се посочува во соопштението на ДКСК, предметот е отворен поради потребата од проверка на наводите изнесени во јавноста и медиумите, како и согледување на евентуални ризици од корупција, судир на интереси, злоупотреба на службена положба или други неправилности во работењето, во рамките на надлежностите на ДКСК.
-ДКСК ќе ги преземе сите потребни дејствија за прибирање и анализа на релевантната документација и информации од надлежните институции, со цел утврдување на фактичката состојба. За понатамошниот тек на постапувањето, јавноста ќе биде навремено информирана - посочуваат од ДКСК.
Во извештајот на Државниот завод за ревизија се наведува дека во ИЈЗ постоел несоодветен начин на наградување на вработените, како и набавка на непотребна медицинска опрема, била купувана опрема која веќе ја поседувале, наместо онаа што навистина недостигала. Дополнително, биле набавувани електронски уреди како компјутери, лаптопи и мобилни телефони со пониски технолошки спецификации од оние што биле платени. Исто така, бил склучен договор за телекомуникациски услуги со двојно повисоки цени – наместо 80 илјади денари биле исплатени 1,5 милиони денари. Во извештајот се споменува и кабел долг 15 километри, набавен за 15 илјади евра, за кој не се знае каде се наоѓа.
Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска вчера на прес-конференција по објавениот извештај на ДЗР изрази надеж дека Јавното обвинителство ќе реагира за утврдените неправилности во овој Институт пред таа да дојде на чело на институцијата.
- И мене некои работи ми изгледаа нестварно штом дојдов на оваа функција, што се случувало пред јас да дојдам на позицијата - рече Андоновска.
Кога стапила на директорската позиција, со нејзиниот тим констатирале дека нема реагенси и немало евиденција за нив.
- Некои од луѓето примале плата, а не доаѓале на работа, колеги ги евидентирале дека доаѓаат на работно место, а тие за возврат им давале пари - посочи Андоновска.
Андоновска меѓудругото информира дека пред таа да дојде на чело на ИЈЗ се случувало да се склучи договор на дело со веќе вработени лица. Се издавал простор сопственост на ИЈЗ на пекарница, нешто што, посочи таа, било спротивно на законот. Се правеле јавни набавки што не биле предвидени во годишниот план.
На новинарско прашање Андоновска одговори дека од 44 до 88 илјади денари се добивало плус на платата на едно вработено лице за архивска граѓа, како, на пример, чистење двор. Андоновска сепак истакна дека некои од вработените во Институтот за јавно здравје си ја вршеле чесно и професионално работата, па апелира сите вработени да не се ставаат во ист кош.
Таа увери дека повеќето од работите што се случувале во Институтот сега се надминати.
МИА
Ново на Сител
-

13-годишно дете пренесено во болница со полесни изгореници откако избувнал пожар во стан во Центар
-

Со Мултипла Склероза во Македонија живеат околу 2500 дијагностицирани пациенти
-

Муслиманите во Прилеп го одбележуваат Курбан Бајрам – за овој ден се разделува месо на социјално загрозените граѓани
-

Светски познатиот Хозе Карерас на плоштад Македонија на 1. Септември заедно со македонските ѕвезди
-

Преглед на вестите од светот
-

Отворени врати за идните средношколци
-

Обуки и развојни решенија вработените во јавниот сектор и малите и средни бизниси можат да добијат на ФЕИТ
-

Преглед на вестите од светот
