Дневно во Клиниката „Козле“ имаат по 150 прегледи на болни деца
Променливото време и почестото престојување во затворени простории го зголемија бројот на болни деца. За едно деноноќие во Клиниката за респираторни заболувања “Козле” бележат и по 150 прегледи. Повеќето од децата се на предучилишна возраст и имале горнореспираторни инфекции, а на болничко лекување задржани се 50 поради компликации.
- Од типот на бронхиолити кај доенчињата, бронхити, потешки бронхоопструктивни атаки, астма напади и пневмонии. Останатите можам слободно да кажам околу 80 посто што доаѓаат во поликлиничко – амбулантскиот дел се дечиња со горнореспираторни инфекции кои се со клиничка слика на лесна до умерена фебрилност, болки во мускулите, малаксаност, болки во грлото, течење на носот. Најчести причини за овие горнореспираторни инфекции се риновируси кои се најчести овој период како и ентеровируси, изјави прим. д-р Мирјана Поповска, педијатар, супспецијалист педијатриски пулмолог од Клиниката “Козле”.
Иако периодов во Клиниката имаат зголемен број на прегледи, не детектирале грип, а многу малку случаи имаат и со РСВ вирусот. Поретко изолирале и бактериски инфекции најчесто во грлото кај децата. Педијатрите од “Козле” апелираат родителите да не ги носат децата веднаш на Клиника.
- Да не се плашат родителите. За температура, болки во мускулите, омалаксаност, да пробаат дома со симптоматска терапија неколку дена да ја следат состојбата на детето и прво да се обратат на примарно ниво. Доколку дојде до манифестирање на пролонгирана кашлица, отежнато и забрзано дишење, во тој случај да да се обратат на лекар, изјави д-р Поповска.
И според извештајот на ИЈЗ минатата недела грип е регистриран само кај 3 деца до 14 годишна возраст.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
