Македонија
19. September 2026 - 16:44

„Дозволуваме поединци да се богатат со уништување на нашето богатство“, велат од „Анима Мунди“ за ловот на дивеч

„Мојот прв крал на шумата. Момент кој се памети цел живот“ - вака странски државјанин ја опишува фотографијата на која позира покрај отстрелан елен во Македонија. Објавата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи. Деновиве особено внимание предизвикаа и снимки објавени од шпански ловци кои убиваат дивокози во Маврово, а потоа пијат крв од убиеното животно. Од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека контролата врз ловот е далеку од целосна и бараат институциите да реагираат.

„Дозволуваме поединци да наплаќаат и да се збогатат со тоа што се уништува нашето колективно богатство. Тоа не е нешто што еден човек може да го продаде и да некој друг да одлучи да го уништи. Како што спомнавте, видеата беа вознемирувачки и загрижувачки. Покрај тоа што убиваат животни коишто се заштитени, т.е. диви кози а елен се заштитен дивеч и треба институциите да проверат дали е тука прекршен законот за дивеч и ловство“, вели Анета Дарковска Бошковиќ, од Анима Мунди. 

На социјалните мрежи може да се најдат и ценовници за лов на различни видови дивеч, а сумите достигнуваат и илјадници евра. 

Во телефонски разговор со дел од ловиштата ни рекоа дека работат согласно закон, со концесии доделени од Министерството за земјоделие. 

Бошковиќ, пак, вели дека треба да се прогласи мораториум на сите ловишта.

„Има и животни коишто не се воопшто заштитени. За нас ловот е девијантно однесување и не треба да се дозволи, особено некој, како што спомнавте, за огромни пари, ние да дозволуваме некој да профитира од тоа“, изјави таа. 
Кај дел од животните ловот е трајно забранет. Меѓу нив се мечката, балканскиот рис, дивата мачка, видрата и повеќе видови птици. Кај други, ловот е дозволен само во одреден период. Во оваа категорија се еленот, срната, дивокозата, муфлонот, зајакот, куните и повеќе видови птици.