Македонија
19. September 2026 - 16:40

Македонската песна „Што ми е мило, ем драго“ стигна до Холивуд, употребена е во филм со актерите Метју Меконахи и Курт Расел

Песната „Што ми е мило ем драго“, стигна и до Холивуд. Вклучена е во музичкиот дел од најновиот филм на познатите актери Метју Меконахи и Курт Расел насловен како „Ривалите на Амзаја Кинг“ .

Верзија на песната што се користи е аранжирана од Етел Рејм, а изведена од Женскиот вокален ансамбл „Китка“ со седиште во Оукленд, Калифорнија. 

Теоријата на артистот Стефан Николовски вели дека токму оваа песна е меѓу најизведуваните и најслушаните песни на македонски јазик во светот. Неговите истражувања предизвикаа и сериозно внимание на социјалните мрежи. 

„Ова е моја теорија дека е најизведувана од чиста причина што многу американски хорови ја изведуваат, не само американски, туку многу хорови од светот. Особено е значајно да се напомене дека Македонци не биле присутни во просторијата, што значи дека оваа песна е многу сакана од странците. Ние имаме обичај да си ги изведуваме Зајди Зајди и други песни, што ни се нас драги - но оваа е особено драга за странците“, вели за Сител музичкиот артист, Стефан Николовски.

Николовски го поздрави појавувањето на македонска песна во американскиот филм, но вели дека таа треба и почесто да биде изведувана и дома. 

„Oсобено не е случајно што оваа песна се појавува и во Холивуд, многу е популарна во Америка. Се популаризира во Етел Раим и со настапот на телевизија со оваа песна, се популаризира и непрестано се изведува од страна на хоровите и фолк ансамблите“, додаде Николовски.

„Што ми е мило, ем драго“ во Холивуд уште еднаш потврди дека автентичната македонска песна има универзален јазик кој допира до срцата на публика ширум светот.