Доаѓаат на Клинички да даруваат крв, а им се наплаќа паркинг
Доаѓаат на Клинички да даруваат крв, а им се наплаќа паркинг. Крводарители реагираат дека веќе 3 месеци не важи долгогодишната пракса со потврда од Институтот за трансфузиона медицина да бидат ослободени од плаќањето паркинг за автомобилот со кој дошле во Комплексот “Мајка Тереза”.
-Имаме 50-тина поплаки од крводарители кои се изненадени од праксата, бидејќи порано беше пракса да не се наплаќа паркинг. Трансфузија издаваше дупликат од потврдата за дарување крв и истата се уважуваше на каса. Крводарителите се револтирани и има реакции дека нема да одат да даруваат крв повеќе таму, бидејќи нивната хуманост сега веќе се наплаќа, изјави Дамир Смајловиќ, Претседател на Здружението на крводарители и поддржувачи на крводарителството КРВОДАРИТЕЛ Скопје.
Од здружението на крводарители за надминување на проблемот испратиле барање до Градски паркинг, министерот за здравство и трансфузија да седнат на заедничка маса и секој да ги изложи своите аргументи за да не се намали бројот на дарувања на крв и со тоа да не се загрози нечиј живот.
-Се надеваме дека во блиска иднина ќе најдеме решение кое ќе биде од взаемна корист и за крводарителите и за ИТМ и за ЈП Градски паркинг за да нема злоупотреба на потврдите кои се издваат за секое дарување, рече Смајловиќ.
Од Градски паркинг велат дека праксата за бесплатен паркинг за крводарителите ја укинале бидејки имале сознанија за злоупотреби на потврдите. Оваа категорија граѓани да биде ослободена од плаќање паркинг одлука треба да донесе Советот на Градот.
-Градски паркинг- Скопје, може да дозволи бесплатно паркирање на категоријата граѓани- крводарители, само доколку Здружението на крводарители на Р. С. Македонија направи евиденција на своите членови и официјално со Барање да се обрати до Советот на Град Скопје, за да се стекне со привилегија бесплатен паркинг. Истово барање да биде потврено преку Годишна Програма на Градот Скопје, а реализирана преку Градски паркинг, за да може да се имплемнтира, стои во одговорот од Јавното претпријатие.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
