Доброволно противпожарно друштво формирано во Кочани
Големите пожари кои беснеаа на територијата на Кочани пред неполни два месеци, на површина го извадија горливиот проблем од недостаток на обучен човечки фактор во борбата со огнените стихии. Професиналната противпожарна единица не е во можност успешно да се справи, посебно со пожарите на непристапните места и доколку гори на неколку локации. Од тие причини, на граѓанска инцијатива формирано е Доброволно противпрожарно друштво, кое брои 50-ина членови, поделени во 3 групи и веќе започнаа со теоретски обуки.
- Обуката ја спроведовме во 3 временски интервали, за да може секој да го одбере интервалот кога најмногу му одговара за да присуствува, затоа што следна ваква обука нема да има, зошто ќе одиме чекор по чекор на следни обуки, изјави Златко Илиев, претседател на доброволно противпожарно друштво - Кочани.
Практичните обуки за гаснење на шумски пожари, пожари на отворено и во затворени објекти, ќе ги реализираат во соработка со професионалните пожарникари, а дејноста ќе ја извршуваат волонтерски.
- Ќе ни биде отстапена просторија и така ни е во план, да функционираме заедно со ТППЕ, додаде Илиев.
Во меѓувреме се работи на обезбедување на техничка опрема и униформи за волонтерите, а најавена е и донација на противпожарни возила од Словенија и Австрија.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар