Свет
28. July 2025 - 16:36

Договор САД-ЕУ: 15% царини за извоз на европски стоки во САД, 0% за американски производи во ЕУ

Земјите од Европската Унија ќе плаќаат царини од 15% за извоз во САД, додека американските производи на европскиот пазар ќе бидат ослободени од секакви давачки.

По повеќемесечни тешки преговори ваков договор вчера постигнаа американскиот претседател и шефицата на ЕК. Трговскиот договор не е сјаен,но е најдобриот кој можевме да го добиеме, порача Фон дер Лајден по средбата, додека Трамп откри дека покрај царините, со трговскиот договор Унијата се обврзува за зголемување на инвестициите во САД и ќе купува американски енергенси и воена опрема.

-Денес се согласивме и за нула за нула царини за голем број стратешки производи. Ова ги вклучува сите делови од авиони и компоненти, одредени хемикалии, одредени генерички лекови, полупроводничка опрема, одредени земјоделски производи, природни ресурси и критични суровини. И ќе продолжиме да работиме на додавање повеќе производи на оваа листа, изјави Фод дер Лајен по средбата.

-Тоа е гигантски договор со многу земји. Значи, ние ќе го направиме следново во Европската Унија. Ќе се согласи да купи од Соединетите Држави енергија во вредност од 750 милијарди долари, енергија во вредност од 750 милијарди долари. Тие ќе се согласат да инвестираат во Соединетите Држави 600 милијарди долари повеќе отколку што веќе инвестираат. Значи, тие инвестираат. Голема сума пари, знаете колку е таа сума пари. Тоа е многу значителна. Но, тие ќе инвестираат дополнителни 600 милијарди долари. Тие се согласуваат да ги отворат своите земји за трговија со нулта царина. Значи, тоа е многу голем фактор. Со отворањето на своите земји, сите земји ќе бидат отворени за Соединетите Држави со нулта царина. И тие се согласуваат да купат огромна количина воена опрема. Не знаеме колкава е таа бројка, но тоа е, ќе ве оставам да кажете, но мислам дека е најголемиот договор некогаш склучен, вели Трамп.

Трговскиот договор ги подели европските лидери. Честитки за Фод дер Лајен пристигнаа само од првиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта, шефицата на Европскиот парламент, германскиот канцелар, ирскиот премиер и италијанската премиерка. Договорот остро го критикуваа германските бизнис лидери, премиерот на Франција, „нема причина за славење“ порача белгискиот премиер, додека Орбан во негов стил прокоментира дека „Трамп ја изеде Фон дер Лајен за појадок“.

Дека Трамп ја понижи Европа смета и официјална Москва. „Европејците треба да ја обесат старата вештерка Фон дер Лајен, тоа нема да помогне многу, но барем ќе биде забавно“ порача Медведев кој оцени дека договорот кој забранува купување на руска нафта и гас е очигледно насочен против Русија.

Македонија сепак води посебни преговори со американски претставници, досега се одржале три рудни разговори по кои премиерот Мицкоски очекува до крајот на недела добрите вести да ги објави Вашингтон.

-Последните преговори се одржаа во петокот, а се водат со претставници на многу институции во рамки на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп. Тоа што можам да го кажам е дека сме најнапред од европските земји. Очекувам убави вести за македонските граѓани, за македонските извозници во САД. Но, да почекаме од Вашингтон да дојде веста“, рече Мицкоски.

Во однос на договорот САД-ЕУ, премиерот посочи дека иско голем број македонски производи преку европски компании стигнуваат на американскиот пазар, сепак вели „ако ЕУ е задоволна од ваков договор, тогаш задоволни сме и ние“.