Македонија
17. April 2022 - 16:30

Дојран стана атрактивна локација за инвеститорите

Освен за туристите, Дојран станува атрактивен и за инвеститорите. 

Зголемениот интерес за градење ги зголеми и цените на градежното земјиште кои се движат од 50 до 200 евра за метар квадратен во зависност од локацијата и големината на парцелата. 

Само на последното наддавање од три парцели општината инкасираше над 16 милиони денари. За прв пат покрај домашните се јавиле и странски купувачи кои решиле да инвестираат во овој туристички центар.

Според најавите продадените парцели се наменети за изградба на поголеми станбени објекти. Инвеститорите не се заинтересирани само за градежното земјиште, туку и за постоечките хотели кои подолго време не се во употреба. 

Неколку од нив веќе биле купени и наскоро се очекува нивна реконструкција со што значително ќе се зголеми бројот на сместувачките капацитети кои последните години поради зголемениот број на туристи се покажаа како недоволни.

Интересот за престој во Дојран почна да се враќа откако се врати и водата во езерото. Последните неколку години во просек во овој туристички центар се реализираат над 100.000 ноќевања по сезона.