Македонија
26. December 2025 - 12:17

Долгови „ги гушат“ комуналните, штипски „Исар“ гледа излез и стабилизација

Јавните комунални претпријатија „се дават“ во долгови, но штипски „Исар“ со оптимистички прогнози. Во моментот се исплаќа заостанат регрес за годишен одмор кон вработените, редовно се сервисираат тековните обврски, а според проектираната динамика на исплата, до крајот на следната година ќе работи со добивка.

- На крајот од 2026-та, ЈП треба да бележи некоја симболична добивка од околу 400.000 до 500.000 денари. Морам да кажам дека јавното претпријатие не е тррговско друштво, за кое неминовно е да генерира финансиска добивка, туку единствено треба да биде ликвидно, навремено да ги сервисира обврските, а со тоа и да ги спорачува услугите што ги нудиме на граѓаните, што впрочем ни е основната дејност- изјави Александар Арсовски, директор на ЈП „Исар“- Штип.

На месечна основа, спогодбено со Министерството за финансии се враќа долг за кредит кој е подигнат пред 25 години, но поради ненавремено сервисирање, каматата ја надмина основната вредност. Второ големо побарување е за потреошена електрична енергија, долг генериран во време на енергетската криза.

- Имаме извршно решение за неплатена струја за кон приватна компанија и таму имаме потпишано спогодба и месечно враќаме по 4 милиони денари. Значи, тековно се сервисираат сите обврски, а не акумулираат нови, кои би доспеале во некој иден период и да останат обврска за некој иден директор, додаде Арсовски

Фокусот на ликвидноста и континуираното обезбедување услуги за граѓаните создава основа претпријатието во наредниот период да премине од опстанок, кон одржливо и позитивно работење.