Донесен законот со кој учениците од верските училишта ќе можат да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите
Предлог-законот со кој учениците од верските заедници ќе можат да полагаат државна матура и да се запишуваат на универзитетите, исто како и останатите ученици, попладнево беше донесен во рамки на 64. собраниска седница.
Целта на законот, како што е наведено во образложението, е да се обезбеди најдобриот интерес на учениците запишани во верските училишта, преку создавање законска можност за полагање на државна матура согласно со Законот за средното образование и Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Со тоа, како што се посочува во законот, се овозможува непречено продолжување на нивното образование на универзитетите во Република Северна Македонија.
- За општообразовните предмети, согласно наставниот план, ќе се применуваат наставните програми за гимназиско образование, утврдени од министерот за образование и наука. Наставните програми за предметите од областа на православната, односно исламската религија и теологија, ќе се изработуваат од страна на соодветните верски училишта и ќе се одобруваат од нивниот основач. Стручната и советодавната поддршка за наставниците кои реализираат општообразовни предмети во верските средни училишта ја обезбедува Бирото за развој на образованието, согласно со своите надлежности. Учениците запишани во Богословското училиште - Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ - Скопје имаат право да полагаат државна матура, согласно со Законот за средното образование и подзаконските акти донесени врз негова основа, вклучувајќи ја Концепцијата за државна матура, училишна матура и завршен испит. Учениците кои успешно ќе положат државна матура стекнуваат право да го продолжат своето образование на високообразовни установи во државата. Дополнително, учениците кои добиле диплома за завршено образование во Богословското училиште - Скопје и Средното теолошко училиште „Иса Бег“ - Скопје, се стекнуваат со право да го продолжат своето образование и на високообразовни установи основани од верските заедници во Република Северна Македонија, во согласност со закон и со условите утврдени од самите установи, се вели во Законот за установи за средно образование на верските заедници
За пратениците од опозициската СДСМ, ова законско решение е противуставно и се руши секуларноста на државата. Законот, како што оценија, има бројни нејасностии и институционални проблеми и се носи без јавна дебата.
Пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска посочи дека отсуствуваат механизми за контрола и увид во финансирањето и содржините што ќе се изведуваат. Ваков закон, како што рече, нема во ниту една држава од Западен Балкан. Праша со каква подготвеност овие ученици ќе се запишуваат на високообразовните установи.
- Според амандманот 7 од Уставот државата мора да биде неутрална во однос на религијата, а верските заедници и државата се одвоени. Секоја легислатива што го доведува овој принцип во прашање мора да се разгледа со особена претпазливост. Автономијата на верските заедници е загарантирана, но со влезот на овие училишта под државна капа, тие мора да ги следат државните образовни стандарди и критериуми, констатираше пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска.
Пратениците од албанскиот блок искажаа поддршка на предложеното законско решение, кое според нив е неопходно, но полемиката меѓу нив беше во тоа кој е заслужен за донесувањето на законот.
Сали Мурати од Европскиот фронт рече дека се за ова законско решение, но дека текстот на законот би бил подобар доколку се прифателе поднесените амадмани.
Во попладневниот дел од расправата, беа донесени и измените на Законот за домување.
МИА
Ново на Сител
-
Поништен изборот за судија во Стразбур, Владата формираше нова комисија
-
Тема на денот со Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат
-
Приведено лице поради обид за подметнување пожар кај брана Водоча, обвинителството бара притвор
-
Владата бара нови кандидати за ЕСЧП
-
Собранието му изгласа недоверба на обвинителот Коцевски
-
Собранието ја констатираше оставката на претседателката на Антикорупциска
-
Чешкиот „Блек Хок“ доаѓа во Скопје, ја прифативме и помошта од Словенците - најкритично на Готен
-
Аpсовска се соочи со напаѓачот Јамалари – тој не чувствува вина за нападот