Македонија
29. July 2025 - 16:35

ССМ на утрешната седница на ЕСС ќе бара 500 евра минимална плата – Премиерот изјави дека платите ќе растат

Сојузот на синдикатите на Македонија на утрешната седница на Економско социјалниот соовет ќе го отвори прашањето за 500 евра минимална плата и за 6 000 денари дополнително зголемување на сите останати плати откако добија решение за репрезентативност. Како што рече претседателот на ССМ барањето е неопходно зошто многу се зголемени трошоците за живот. Дополнително образложение според нив е што работниците во Македонија сега земаат минимална плата од 400 евра која е најниска во регионот.

- Според Евростат 55,7 отсто од работниците и граѓаните во земјава не можат да си дозволат годишен одмор ниту седум дена во бунгалов во Дојран, рече Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Премиерот Мицкоски изјави дека како Влада ќе продолжат да работат за уште повисоки примања на работниците.

- Самиот факт што и бруто и нето просечната плата растат повеќе од 11 проценти, е демант за сите оние, би рекол некрофили во рамките на опозицијата, кои во изминатиот период континуирано конструираа и лиферуваа лаги во јавноста дека платите не растеле, дека платите стагнирале итн. Овие податоци што сега стигаат се доволен доказ дека тие што освен тоа што не говорат вистина, туку шпекулираат, конструираат и креираат невистини и ништо не можат да сработат, изјави Христијан Мицкоски, Премиер.

Од ССМ пак посочуваат, како може платите на македонските функционери да бидат исти како тие во регионот околу 2500 евра, така и минималната плата да биде 500 евра како во земјите од опкружувањето.