Дрва, пелети, струја или парно - кое греење зимава ќе биде најевтино?
Грејната сезона започнува следната недела, а со неа доаѓа и прашањето што е најисплатливо за затоплување на домот.
Дрва, пелети, струја или парно?
Направивме пресметка за простор од 60-ина квадрати и ги споредивме трошоците за период од шест месеци.
Инвертер-климата е меѓу поекономичните опции.
За стан од 60 квадрати, месечниот трошок би изнесувал меѓу 2.500 и 3.500 денари, а за цела сезона да надмине 20.000.
Сосема поинаква е сметката со обичните електрични греалки.
Во зависност од тоа колку долго работат и колкава им е моќноста, трошокот може да достигне и до 14.000 денари месечно. За цела сезона тоа се повеќе од 80.000 денари.
Кај централното греење, месечната сметка е околу 2.500 денари. Тоа се речиси 15.000 денари за шест месеци.
Но, за разлика од другите начини на греење, парното се плаќа во текот на целата година, а не само во зимските месеци.
За домаќинствата што користат дрва, набавката за целата сезона може да достигне и до 45.000 денари.
Освен трошокот, треба да се има предвид и дека топлината најчесто се задржува во просторијата каде што е печката, додека другите соби може да останат постудени.
Со пелети, трошокот може да биде и повисок.
Ако се потребни околу три тони за цела сезона, а цената на еден тон се движи до 22.000 денари, набавката би чинела до околу 66.000 денари.
Разликите се значителни, но најниската цена не секогаш значи и најдобро решение за секој дом.
Сумите се приближни и може да се разликуваат од едно до друго домаќинство.
Колку ќе нè чини греењето зависи од изолацијата, големината на просторот што го загреваме, времетраењето на греењето и надворешните температури.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
